Огнот кој пред пет дена изби кај селото Нивичино, во Општина Василево на планината Готен не само што не е изгаснат, туку од вчера се прошири и на соседните општини Берово и Радовиш. Според Центар за управување со кризи на овој простор гори нискостеблеста шума, смреки, грмушки и ниска вегетација.
Над 200 луѓе се вклучени во гасењето на пожарот од три страни. Освен пожарникари, вклучени се вработени од АРМ, ЈП Национални шуми, Водостопанство, како и вработени во приватни компании. Како поддршка на луѓето кои гаснат, од рано изутрината се вклучени хеликоптер на МВР, како и два ЕР трактори на Дирекција за заштита и спасување.
Од ЈП Национални шуми информираат и за вклучување на тешка механизација и специјализирани возила на повеќе институции, вклучително и возилата на МВР како и репарираните пинцгауери, кои оваа сезона беа прилагодени за борба со пожарите.
Пожарот на Готен во моментов е еден од најтешките за справување. На територијата на целата држава има шест активни пожари, додека во изминатото деноноќие биле изгаснати 27. Пет пожари, вклучително и тој кај селото Николиќ кај Дојран, се држат под контрола.
Близу еден месец пожарите не стивнуваат. Надлежните се сомневаат дека се работи за подметнати пожари.
Р. Л.


