Во Струмица 21 семејство се всели во новите станови во социјалната зграда

По неколку години од изградбата на социјалната зграда во Струмица, конечно се вселија нови станари, со што беше пополнет целокупниот капацитет. Вкупно 21 семејство во социјален ризик деновиве доби стан на користење, со што го реши своето станбено прашање.

Доделувањето е спроведено преку јавен оглас објавен од Министерството за транспорт и врски, а во рамки на програмата за социјално домување. Како штo информиаа од Центар за социјални работи – Струмица, за овие станови пристигнале вкупно 32 апликации од граѓани кои припаѓаат на шест приоритетни категории.

„Согласно огласот беа опфатени шест кориснички категории –  деца без родители и родителска грижа, односно лица кои до 18-годишна возраст имале таков статус и биле сместени во институции или други облици на вонсемејна заштита, корисници на гарантирана минимална помош, лица погодени од природни елементарни непогоди, лица со попреченост, како и семејства на лица со попреченост, припадници на ромската заедница кои се социјално загрозени и самохрани родители со малолетни деца“, информираше Наташа Котева, директорка на Центар за социјални работи – Струмица.

Во текот на целата постапка, апликантите добивале административна и стручна поддршка од Центар за социјални работи  – Струмица, со цел процесот да биде што подостапен за најранливите категории граѓани.

„Улогата на нашата институција беше да излеземе во пресрет на сите заинтересирани граѓани, да бидат добро информирани и упатени како да ја обезбедат потребната документација. Доколку некои од нив не беа во можност самостојно да ја обезбедат, ние посредувавме во нејзиното прибавување со што овозможивме секој заинтересиран граѓанин да има еднакво право да аплицира“, додаде Котева.

Социјалната зграда во Струмица беше изградена во 2018 година. Првите четири станови беа доделени во 2019 година на лица со попреченост, згрижени во Завод за заштита и рехабилитација Бања Банско, како дел од процесот на деинституционализација. Следеа уште неколку неуспешни огласи, што од различни причини беа поништувани, за конечно по шест години становите да им се доделат на луѓето без покрив над глава.

З.Ѓ.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE