Поранешен кошаркар од Турција го купи градскиот фудбалски клуб „Брегалница“ – Штип

Мурат Шамил Шен, поранешен кошарскарски репрезентативец и член на повеќе познати клубови, како Галатасарај и Фенербахче, стана мнозински сопственик на акциите во ФК Брегалница од Штип, кој годинава одбележува 104 години од постоењето.

Претставувањето на новиот мнозински сопственик се одржа на прес конференција во клубските простории во Штип, откако два дена порано на Македонска берза Шамил Шен за 150.000 евра откупи 51,2% од акциите. На купопродажбата ѝ следуваше одлука на Советот на Општина Штип за продажба на 100% од акциите, вклучително и 48,8% на општината за 300.000 евра.

Помеѓу трансакцијата на берзата и одлуката на Советот за продажба поминаа три недели исполнети со неизвесност и многу непознати прашања. На седницата градоначалникот Иван Јорданов рече дека има заинтересиран кушувач, но не кажа кој. Се пренесе шпекулација дека е тоа турскиот клуб Фенербахче, што првично ги смири духовите, но потоа познатиот клуб ова го демантираше.

На прес конференцијата не беше кажано многу за новиот спственик. Тој самиот соопшти дека има намера да вложи милион евра во клубот и во стадионот. 

„Препознавме потенцијал во овој клуб, град и ни се допадна визијата на градоначалникот Јорданов. Уште на самиот старт ќе бидат потрошени околу милион евра за акциите, клубот и реконструкција на стадионот“, рече Шен.

Шен за себе кажа дека како кошаркар играл за повеќе познати клубови во Турција, Германија и Емирати, а по завршувањето на спортската кариера се занимавал со менаџмент во спортот. Рече дека е заинтересиран за инвестирање во кошарката, но не кажа детали.

На прес конференцијата не дознавме многу. Беше соопштено дека Влатко Костов е новиот тренер, кој сепак не беше јавно претставен. Костов ќе има обврска да донесе нови играчи на местото на тие што си заминаа.

„Во првичните разговори со новите сопственици се договоривме при селекцијата на кадрите за било кое место во клубот предност да имаат луѓе кои се или потекнуваат од Штип, оти тие најмногу ќе се грижат клубот да има добри резултати“, изјави градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.

За тоа кој какви обврски ќе има со клубот кој заврши во Втората македонска фудбалска лига и со загуба од 93.000 евра, не кажаа ни Шен, ни Јорданов. Единствено градоначалникот се изјасни дека општината ќе ги помага младинските категории. Но, нема повеќе да ја финансира првата екипа.

Не беша кажано ни за тоа во која форма му се предава на мнозинскиот сопственик за стпанисување на Градскиот стадион, кој е општинска сопственост, и на стадионот каде игра клубот Бело Брдо, ниту за другите обврски, како што е одржувањето.

Мурат Шамил Шен додаде дека има строги правила за играчите и сите други околу обложувањето. Со правниците, како што рече, е составен предлог договор кој сите кој што се поврзани со клубот ќе мора да го потпишат, како и изјава во која ќе има согласност дека нема да се има никаква врска или контакт со обложувачки работи.

Со тоа ќе се даде гаранција со целиот имот и сѐ што се поседува, дека нема да се има никаков контакт со тие активности. Ние сме тука за спортот, а спортот мора да е спорт и чист, рече Шен.

Најавено е транспаретно работење на клубот, амбиции за влез во Првата лига. Турскиот инвеститор веќе пројавил интерес за влез и во КК Соколи. Но, како што ни потврдија од клубот, потребно е прво трансформација на здруженоето во акционерско друштво, по што ќе се разговара со сопствениците.

За новиот инвеститор во Брегалница, 60-годишниот Мурат Шамил Шен, може да се најдат јавни податоци за неговата спортска кариера во турските и странските клубови,. Тој ја продолжува својата работа како основач на компанија за корпоративни консалтинг и услуги за обука во спортскиот и деловниот свет. Шен, посредувал помеѓу двата клуба за време на трансферот на 20% од правата на клубот на Арда Ѓулер на Фенербахче. Шен има инвестиции на пазарот на криптовалути.

Пред новата управа на Брегалница, која се очекува деновиве да биде претставена, како една од првите задачи е организирањето на ревијалниот натпревар меѓу Брегалница и белградска Црвена Ѕвезда на 12 септември. 


Р. Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE