Општина Радовиш прогласи вонредна состојба поради пожарот кој уништи 600 хектари шума

На итна седница Советот на Општина Радовиш прогласи вонредна состојба поради пожарот, кој втора недела беснее на планината Готен, а последните часови се приближи до селата Подареш, Јаргулица, Покрајчево и Злеово. Пожарот опфаќа линија од 10-12 километри околу Радовиш и до сега има уништено околу 600 хектари шума на Готен. Огнот од Василево се пренесе кон Радовиш и Берово. Направени се два заштитни појаси, но јужниот ветер го префрли огнот кон селата Подареш и Јаргулица на само 500 метри од првите куќи,

Образложувајќи ја потребата од прогласувањето на вонредна состојба, градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов рече дека се направени големи трошоци и кога тогаш општината ќе треба да ги плати.

„Согласно законот ние сме надлежни да се справуваме со вакви ситуации, сѐ додека не е прогласена вонредна состојба на територија на целата држава, а тоа не е направено. Прогласена е кризна состојба, не вонредна и затоа што сите општини немаат ваков проблем, оставена е секоја општина на својата територија да прогласи вонредна состојба. И втората причина е кога сето ова ќе заврши да може да им се исплати на тие што учествувале, како ангажирани сечачи на дрва, бидејќи не сите доброволно се ангажирани“, рече градоначалникот Ристов.

За справување со пожарот, општината на итната седница издвои еден милион денари, што се пренаменуваат од средства наменети за уредување на тротоари.

Активиран е европскиот механизам за помош, а се очекува пристигнување на помош од Чешка, додека доцна попладне во Берово е најавено доаѓањето на 50 пожарникари од Словенија, кои доаѓаат со специјални возила за гасење на шумски пожари. Словенците кои се познати гости на беровци по големиот пожар во 2021 година и заедно со австриските пожарникари помогнаа во напорите за справување со огнот, ќе го користат стадионот Димитар Беровски во Берово.

Пожарот на Готен е еден од најтешките во државата каде еден поголем дел е на непристапен терен. Во неговото гаснење, покрај пожарникарите, се вклучени над 250 луѓе од МВР, АРМ, Национални шуми и граѓани доброволци. Зафатените општини повикуваат на помош од граѓаните и компаниите, особено тие што поседуваат тешка механизација.

Р. Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE