Апел од науката: Запрете го уништувањето на најчистата река во државата

Во време додека се прави проценка назаштитено подрачје на територијата на Општина Демир Капија, биолози, геолози, географи и хидролози упатија јавен апел изразувајќи длабока загриженост поради најавените планови за изградба на мали хидроенергетски објекти во сливот на реката Дошница. Оваа група на експерти реагира поради најавените планови за изградба на мали хидроенергетски објекти во сливот на реката Дошница, додека еко-активистите ги продолжуваат своите блокади на Кожуф.

Овие планови се актуелизираа во време кога е во тек сеопфатен процес на валоризација за прогласување на подрачјето на Демиркаписка Клисура за заштитено подрачје, кое го опфаќа целиот слив на долното течение на реката Дошница.

Во јавната реакција оваа група потсетува дека Министерство за животна средина и просторно планирање го утврди прогласувањето на заштитено подрачје на територијата на Општина Демир Капија како приоритет во својата Програма за заштита на природата за 2024 година (Сл. Весник на РСМ бр. 16/2024). Тековниот процес на валоризација има цел да ги идентификува значајните природни и пејзажни карактеристики на поширокото подрачје на Демиркаписката Клисура и да подготви стручна основа за негово идно прогласување за заштитено подрачје. Ова вклучува и детална анализа на долниот тек на реката Дошница, препознаена како една од најчистите и највредните водотеци во Република Северна Македонија, богата со ендемски и ретки биолошки видови, исклучително значајна за зачувување на биодиверзитетот и водниот режим во регионот.

„Со оглед на тоа што сè уште не се утврдени степенот на заштита и зоните на заштита на идното заштитено подрачје, секоја интервенција која може да предизвика неповратна деградација или девастација на природните вредности – како што е изградбата на мали хидроцентрали – мора итно да се стопира“, изјави биологот проф д-р Митко Караделев.

Експертите предупредуваат дека продолжувањето со вакви активности пред завршување на студијата за валоризација и пред донесување конкретни одлуки за зонирање и управување, може да резултира со непоправлива штета врз екосистемите, хидролошкиот баланс и потенцијалот за одржливо користење на подрачјето.

Затоа, експертите предлагаат итен мораториум на сите активности поврзани со изградба на мали хидроцентрали или други инфраструктурни зафати кои носат ризик од деградација на природните вредности. Притоа, потребно е прво да се заврши целосната валоризација на подрачјето, да се дефинираат границите и зоните на заштита и да се изработи соодветен план за управување со идното заштитено подрачје,

Групата апелира до надлежните институции, инвеститорите и пошироката јавност да го почитуваат овој научно-стручен пристап и да се воздржат од било какви зафати што можат да го компромитираат значењето и интегритетот на овој сè уште незаштитен, но извонредно вреден природен простор.

Експертите формално бараат Министерот за животна средина и просторно планирање да го стави текот на реката Дошница и пределот околу неа под привремена заштита.

Во меѓувреме, веќе 35-ти ден продолжуваат блокадите на Кожуф што ги организираат граѓаните и еко-активистите, кои не дозволуваат да дојде тешката механизација и да почне со изградбата на мини хидроцентрала. Остануваат на блокадите, сѐ додека Владата не ја укине дозволата за изградба на хидроцентралата, која според нив, ќе ја уништи најчистата река во државата.

Дозволата за изградба ја издадало Министерство за животна средина и просторно планирање во 2022 година, додека рокот за завршување на изградбата на хидроцентралата е во април догодина.

Во поддршка на еко-активистите на блокадите на Кожуф, изминатиот викенд во Македонија дојде и Грета Тунберг, познатата активистка за чиста животна средина и климатски промени.    

Р. Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE