Се договори откупната цена на црвените пиперки за преработувачките капацитети

Црвените пиперки оваа сезона за индустриски цели ќе се откупуваат по цена од 15 до 45 денари. Ваков договор постигнаа земјоделците, откупувачите и преработувачите во Струмица во посредство на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и министерот Цветан Трипуновски. Станува збор за пиперки од сортата куртовска капија кое најмногу го има во струмичкиот и прилепскиот регион, од кои преработувачките  капацитети во земјава преку откупувачите го користат за разновидни конзервирани преработки.

Според договорот, првата класа „куртовска капија“ ќе се откупува по цена од 45, за прва и втора 35, за втора 20 и трета класа за 15 денари за килограм.  Само цената за втора класа е идентична како и лани, останатите се зголемени за 10 до 15% годинава.

„Овие се почетни цени со кои почнува откупот на пиперката. За да се одржат, мора да се почитува правилникот за квалитет и она што е најважно, бербата да биде договорена со откупувачите и преработувачите, за да не се соочиме со зголемена количина во текот на денот или неделата и да имаме застој во откупот, како што беше во минатите години“, кажа министерот Трипуновски.

Во наредниот период ќе бидат засилени контролите од земјоделскиот инспекторат за да се утврди дали се почитуваат договорените откупни цени.

Претставникот на преработувачите на средбата во Струмица, Петар Атанасов од Гевгелија, тврди дека со годинашниве понудени цени може да се очекува реален откуп, но и зголемување на површините во иднина.

„Се надевам дека ќе бидат мотивирани за следните години да го зачуваат и зголемат производството на куртовска капија. Очекуваме реален откуп и пласман. Сакаме да апелираме до земјодецлтие да не се брзаат со бербите и кон нив да пристапат во периодот од 1 до 20-ти август“, рече Атанасов. 

Производството на црвени пиперки во струмичко, заради климатските промени, е целосно под пластеници. Ретко може да се видат површини засеани со „куротвска“ на отворено. Годинава родот се очекува да тежи околу 60 милиони килограми.

Инаку земјоделците од годинава наместо досегашните три денари за предаден килограм пиперки кај преработувачите, ќе добиваат 4 денари субвенции, како и околу 30 илјади денари по хектар од програмата „Директни плаќања по обработлива земјоделска површина градинарско производство на отворено и во пластеници“.

В.Т.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE