Нерешените имотно-правни односи се сериозна пречка за археолозите низ многу локалитети низ државата. Во Југоистокот состојбата е сериозна во Валандово и Гевгелија, каде што на локалитети со исклучителна вредност, како Исар Марвинци и Вардарски Рид, голем број парцели сѐ уште се во приватна сопственост, што оневозможува целосни истражувања и соодветна заштита
Автори: Зоран Ѓоргиев и Ване Трајков *
Вреден археолошки локалитет во струмичка Баница може засекогаш да остане затрупан под земја поради нерешени имотно-правни односи. Наместо да прерасне во значајна туристичка локација во регионот, локалитетот е во опасност да биде заборавен и уништен. Причината е тоа што се наоѓа на приватен имот кој не е откупен од државата. Археолозите не може да продолжат ниту со археолошките истражувања, ниту пак да се пристапи кон реставрација и конзервација на локалитетот кој се наоѓа помеѓу Цареви Кули и манастирите во Водоча.
Локалитетот во селото Баница е познат на научната јавност уште од 2007 година, но не бил предмет на посериозни археолошки активности. Годинава таму беа откриени значајни делови од римска бања, меѓу кои и калдариум, просторија за топли бањи, односно античка сауна. Се претпоставува дека станува збор за приватна бања која била дел од вила рустика, во сопственост на богат граѓанин од римскиот период. Археолозите идентификуваа елементи од сложен систем за загревање, вклучувајќи просторија за загревање на вода, систем за подно загревање, кружни столпчиња и ѕидни грејни цевки. Целиот локалитет се протега на околу 300 квадратни метри.
„Што точно се крие под земјата и во каква состојба се наоѓаат останатите структури, нема да можеме да дознаеме сѐ додека не се создадат законски и технички услови за работа. Откупот на земјиштето е главен предуслов. Досегашните наоди укажуваат дека објектот се шири во сите четири насоки. Ѕидовите продолжуваат во околниот простор што силно упатува на постоење на поголем објект, можеби дури и цел комплекс од римскиот период“, вели археолгот Ване П. Секулов, кој го води истражувањата во Баница.
Тој нагласува дека за да се открие вистинскиот обем и значење на локалитетот, потребно е итно решавање на имотно-правниот статус. Сопственикот на парцелата Роберт Митев од Баница се согласил за продажба на дел од земјиштето за соодветен надоместок. Впрочем, при негово копање се открил археолошкиот локалитет во 2007 година и тој се грижи за него во изминатите 18 години. Годинава повторно дал согласност да се истражува.
„Зависиме од сопствениците на имотите. Ако тие не дозволат, немаме никакви механизми да истражуваме. Сѐ зависи од нивната добра волја. Треба да склучиме прво договор со нив, па тогаш да добиеме дозвола за истражување од Управа за заштита на културното наследство. Мислам дека овој објект, како и сѐ што претпоставуваме дека се наоѓа во неговата околина, навистина заслужува да биде истражено, стручно валоризирано и на крајот презентирано и пред научната, и пред пошироката јавност. Сопственикот на парцелата каде што работев годинава, како и на соседната, на која со сигурност се шири објектот, сака да ги продаде. Но, најчесто претеруваат со цената, а државата не покажува голем интерес за откуп“, заклучува Секулов.
За жал, бањата во Баница не е единствениот случај. Нерешените имотно-правни односи се сериозна пречка за археолозите и на други локалитети низ државата. Во Југоистокот состојбата е сериозна во Валандово и Гевгелија, каде што, според Секулов, на локалитети со исклучителна вредност, како Исар Марвинци и Вардарски Рид, голем број парцели сѐ уште се во приватна сопственост, што оневозможува целосни истражувања и соодветна заштита.
Стакина Чешма кај Валандово крие огромни мозаици кои се наоѓаат на приватни парцели
Слична судбина како бањата во Баница дели и археолошкиот локалитет Стакина Чешма, сместен на само педесетина метри од центарот на Валандово. Станува збор за населба од римскиот период, чија археолошка важност е позната на стручната јавност повеќе од 50 години. Првите систематски истражувања започнале во 1987 година, а досегашните активности доведоа до откритија од исклучително значење, кои го потврдуваат и научниот и туристичкиот потенцијал на локалитетот.
Највпечатливо откритие е луксузна палата од IV век, изградена со најскапите материјали достапни во тоа време. Според археологот Радомир Ивановиќ, се работи за објект кој претставувал симбол на префинетост, богатство и статус, нешто што се гледа не само преку архитектурата и фреските, туку особено преку подната декорација.
Стакина Чешма е уникатен локалитет, бидејќи сите простории во палатата се поплочени со мозаици, појава која не е забележана на ниту еден друг локалитет од овој период во Македонија.
Проценките се дека палатата се протега на површина од околу 600 м². Во рамки на истиот објект е откриена и фонтана, единствена од ваков вид во земјава, што уште еднаш ја потврдува реткоста и вредноста на локалитетот. На ѕидовите на палатата се зачувани и бројни фрески, што го заокружува впечатокот за еден раскошен, културно и уметнички богат простор.
„Овој локалитет има огромен туристички и образовен потенцијал, и затоа е клучно да се обезбеди негова заштита, откуп на критичните парцели и континуирано истражување“, вели Радомир Ивановиќ, виш кустос во Археолошки музеј на Македонија.
Меѓутоа, во пракса, работата на терен е сериозно попречена од инфраструктурни и имотно-правни пречки. Дел од палатата за кој археолозите со сигурност знаат дека се шири во таа насока, се наоѓа на приватна парцела. И покрај повеќегодишните обиди да се обезбеди дозвола за истражување, тоа не е можно без согласност од сопственикот.
„Во овој случај можеме да работиме само на државно земјиште. Приватното не смееме да го допреме. Проблемот е уште посложен бидејќи, дури и ако има финансии, без решени имотно-правни прашања, не можеме да продолжиме“, додава Ивановиќ.
Посебно алармантен е проблемот со шахта за отпадни води, која се наоѓа токму врз локалитетот и редовно го поплавува теренот. Овој инфраструктурен дефект го спречува истражувањето на најлуксузната хала од палатата, која претставува централно архитектонско и уметничко јадро на објектот.
„Валандово де факто е град на мозаиците. Ниту еден друг град не може да се пофали со вакво археолошко богатство. Тоа може да биде огромен туристички магнет, но само доколку институциите покажат волја, обезбедат средства и конечно ги решат долготрајните пречки што не зависат од нас“, тврди археологот Радомир Ивановиќ.
Управата за заштита на културното наследство одлучува што ќе се експропира
Управата за заштита на културното наследство е таа што утврдува дали ќе има експропријација на недвижност што преставува културно добро. Предлогот го дава откако претходно ќе се констатира дали таа недвижност е од јавен интерес. Вака одговорија од Министерство за култура откако Локал актив ги праша колку пари годинава имаат обезбедено и колку потрошиле за последните две години за откуп на приватно земјиште за археолошки истражувања.
„Во Буџетот за тековната 2025 година, раздел 18001 – Министерството за култура, во програма 20 – Управа за заштита на културното наследство, во расходна ставка 485, одобрени се 0 денари, односно воопшто не се доделени средства за намена експропријација. Воедно известуваме дека за последните две години воопшто не се потрошени средства за намена експропријација“, стои во одговорот од Министерство за култура и туризам.
Постапката за експропријација на земјиште или недвижност што претставува културно добро поминува низ повеќе институции. Вклучени се Управа за заштита на културното наследство, па Биро за проценка или поранешното Биро за судски вештачења, Државно правобранителство и Министерство за финансии – Управа за имотно правни работи. Сите тие треба да дадат согласност, да се утврди цената и на крајот да се плати, а кои локации треба да бидат прироритетни, одлучуваат самите заводи и музеи.
„Приоритетните локации за кои се отпочнува постапка за експропријација ги утврдуваат надлежните установи за заштита на културното наследство, секоја за територијата за која се надлежни, имајќи во предвид дека истите согласно Законот за заштита на културното наследство ја пратат состојбата на културното наследство за територијата за која се основани“, соопштија од министерството.
Ги запрашавме надлежните во ова министерство кој ќе ја понесе одговорноста доколку се појави уништување на оние локалитети каде се најдени вредни археолошки пронајдоци, а се на приватно земјиште, односно не е решен имотно-правниот статус на парцелата.
Од таму одговорија со цитирање на неколку членови од Законот за заштита на културното населедство:
„За остварување ефикасна заштита од недозволени ископувања, намерно оштетување и уништување, кражби, присвојување, прикривање, недозволена трговија, криумчарење и други незаконски дејствија против културното наследство, органите и јавните установи за заштита, како и имателите на заштитените добра, се должни да преземаат превентивни мерки со кои ќе се намалат можностите за појава на ризик од незаконски дејствија и мерки на противдејство со кои ќе се намалат загубите или штетните последици од незаконски дејствија, ако ризикот се оствари. Управата ја следи состојбата со безбедносната заштита на културното наследство, врши безбедносна проценка на ризиците од незаконски дејствија против културното наследство, го координира изработувањето и усогласувањето на плановите за безбедност и го контролира нивното спроведување, определува итни мерки на безбедносна заштита на културното наследство во опасност и посебни мерки на безбедносна заштита на културното наследство од особено значење, издава стручни упатства за спроведување на безбедносната заштита на културното наследство, предлага преземање на мерки на безбедносна заштита на културното наследство.“
Во поранешна Југославија повеќе се откупувало приватно земјиште за археолошки истражувања
За разлика од бројните археолошки локалитети чие истражување е блокирано поради нерешени имотно-правни односи, црквата „Свети 40 Севастиски маченици“ во селото Банско претставува позитивен пример за соодветно планирање и навремено решени формалности. Таму земјиштето било откупено во време на поранешна Југославија, при што археолозите непречено истражувале низ годините за да конечно се реставрираат и конзервираат остатоците од црквата (односно нејзините бедеми), која потекнува од средниот век.
„На овој локалитет, НУ Завод и музеј Струмица уште пред неколку децении ги откупи потребните парцели, што значително го олеснува процесот на археолошки истражувања. Не ни се потребни нотарски договори со сопственици, ниту се соочуваме со неизвесност дали ќе добиеме дозвола да работиме на теренот. Откупени се околу два декари, на кои се наоѓаат и црквата и некрополата. Тоа е огромен потенцијал за понатамошни истражувања, без правни и административни пречки, за разлика од многу други локалитети кои се сместени во урбани зони, блиску до населени места, каде што парцелите се најчесто во приватна сопственост“, објаснува д-р Душко Цветанов, виш кустос – археолог.
Истакнува дека во многу случаи, дури и кога теренот по завршувањето на ископувањата се враќа во првобитна состојба, сопствениците не се секогаш подготвени да дадат дозвола за работа. Со откупот на земјиштето, како што е направено кај црквата „Св. 40 Севастиски маченици“ се елиминира ваквиот ризик и се овозможува долгорочно, темелно истражување и заштита.
Особено значајно, според него, е тоа што на државно земјиште многу полесно може да се изврши и конзервација и заштита на откриените структури, додека на приватни парцели тоа воопшто не е дозволено.
„На локации со приватна сопственост, по завршувањето на истражувањата сме обврзани да го вратиме теренот во првобитна состојба, односно да ги затрупаме остатоците. За да се продолжи со какви било понатамошни активности, било да е тоа повторно истражување или конзервација, неопходен е откуп на земјиштето“, вели Цветанов.
Од времето на поранешна Југославија, во струмичко, освен парцелата за средновековната црква „Св. 40 Севастиски маченици“ кај Банско, откупени се и парцелите на која е пронајдена Термата кај Банско, Мачук кај Струмица и Мерата кај Баница.
Секулов: Археологијата да им се довери на археолозите, а директори да не се менуваат по секои избори
Археологот Ване П. Секулов го запрашавме и што треба да направи државата за да ја „открие и презентира“ сопствената археологија. Тој побара да не се меша политиката во оваа сфера.
„Ова е едно од најлесните прашања, со уште полесен одговор: археологијата треба да им се довери на археолозите и на професионалците поврзани со неа. Но, за жал, праксата кај нас е сосема поинаква. По секои избори почнуваме од нула, со нови стратегии, нови насоки, и повторно – никако да стигнеме ни до еден“, вели археологот Секулов.
Според него, честото менување на раководства и постојаната политизација на институциите што се занимаваат со културното наследство се меѓу најголемите пречки за континуитет, планирање и успех.
„Најчесто велиме дека сè е до парите, и тоа често е точно. Но имало и случаи кога имало доволно средства, па повторно резултатите биле никакви. Значи, не е сè до финансиите. Проблемот е подлабок“, вели тој.
Негова основна препорака е културните институции да ги раководат стручни менаџери од самата фела, луѓе кои не само што ја познаваат проблематиката, туку имаат и капацитет да донесат пари, да обезбедат проекти, да креираат стратегии, а не само да чекаат дали министерството ќе одобри некаков буџет.
„На чело на установите не треба да доаѓаат директори кои се менуваат со секој изборен циклус, туку менаџери, виши кустоси, советници-конзерватори, луѓе од внатре. Исто важи и за Министерство за култура – и таму треба менаџер, не само политичка фигура“, смета тој.
Во однос на поновите идеи за приватизација на културното наследство, неговиот став е јасен:
„Да не бидам погрешно сфатен, никако не мислам, како што несреќно изјави министерот, дека треба сè да се даде на приватни фирми. Културното наследство е државно богатство и така мора да се третира. Има простор за јавно-приватно партнерство, но само под строго регулирани услови, каде што интересот на државата, односно интересот на културното наследство, ќе биде целосно заштитен.“, смета Секулов.
* Зоран Ѓоргиев и Ване Трајков се новинари.


