На Дојранското езеро му се заканува нова еко катастрофа

„Загрижувачка е состојбата со нивото на Дојранското езеро кое со метри е повлечено од плажите. Тоа е метар под дозволените граници“, вели првиот човек на Општина Дојран, градоначалникот Анго Ангов. Тој побара државата веднаш да интервенира и да ги вклучи функционалните пумпи од системот Ѓавато за не се случи нова еколошка катастрофа, бидејќи постои опасност од нарушување на биодиверзитетот во езерото. Според него, од ХС Ѓавато нема дотур на вода со денови, а паралено нема никаков абер за реконструкција на истиот, иако лани Владата усвои информација за потребата од обезбедување пари за санација на цевководот.

„Мора итно да се обезбедат пари за реконструкција на системот и негово ставање во употреба. Веќе 20 години откако е ставен во функција воопшто не е саниран. Ние како општина немаме ингеренции врз него. Одговорно е Министерството за животна средина и Владата. Тие треба да одговорат зошто не работи Ѓавато и зошто не се обезбедиле потребните средства. Иако лани на Влада помина информацијата за Министерство за животна средина да обезбеди пари за санација на системот и го пушти во употреба, ниту во првичниот, ниту во ребалансот на буџетот, не се обезбедија средства за Ѓавато. Милион евра за едно министерство или држава не се многу за спас на еден туристички бисер“, вели градоначалникот на Дојран, Анго Ангов.

И посетителите кои ги затекнавме покрај дојранското крајбрежје бараат итна реакција, бидејќи се гледа дека водата во езерото е повлечена.

„За разлика од лани, мислам дека два до три метри е повлечена водата. Мора нешто да се направи“, вели посетителка од Куманово.

„Пред три години на тој потег водата преливаше преку кејот, а сега таму може да се видат трева и трски. Повлечено е и мора тој систем да се активира“, вели посетител од Крива Паланка.

Од Министерство за животна средина, кое е одговорно за Ѓавато, соопштија дека се изработува проект за целосна рехабилитација на системот, кој понатаму ќе биде предаден на АД Водостопанство.

Инаку, од овој систем освен Дојранското езеро, вода добива и акумулацијата Паљурци кај Богданци при намален водостој, но и голем број на физички и правни лица кои имаат обработливи површини вдолж цевководот од 22 километри.

Системот беше стопиран за време на енергетската криза, кога за работата на пумпите почнаа да стасуваат сметки за електрична енергија и до 300 илјади евра за месец. Лани министерот за животна средина Изет Меџити стави во употреба три пумпи со капацитет од 200 литри и најави целосна рехабилитација на системот, од кој вода ќе има и за езерото и за земјоделците.

В.Т.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE