Штип заслужува музеј на текстилот

Музеј на текстилството во Штип? Зошто да не, ако има кој да се зафати со идејата и градот кој половина век живееше од два големи текстилни гиганти – Македонка и Астибо – кои вработуваа над 7.500 работници, да добие достојно сведоштво на годините на интензивна индустријализација.

Од овие размислувања, засега само како најава на изложба насловена „Градот што шиеше историја“, тргнуваат активистите од организацијата Гласен текстилец, кои во пресрет на деветтото издание на манифестацијата „Текстилијада“ упатија повик до штипјани да дадат свој придонес.

Повикот е до сите кои имаат стари предмети поврзани со текстилната индустрија – шивачки машини, книги, материјали, игли, фотографии, облека, алати и други значајни предмети, да учествуваат во визуелната изложба.

„Сите предмети ќе бидат задолжени и вратени во оригиналната форма на сопствениците по завршувањето на настанот“, стои во повикот од Гласен текстилец.

Изложбата ќе биде поставена во текот на деновите на „Текстилијадата“, 3 и 4 октомври, која организаторите веруваат дека може да им биде предизвик на институциите, но и јавните личности, вкучително и бизнисмените од текстилната индустрија, за отворање на музеј.

„Идејата за изложбата се роди по студиската посета во Шведска, каде петнаесетина луѓе од различни институции, во организација на Гласен текстилец видоа како функционира секторот, но и грижата за својата историја и културно наследство“, вели Кристина Ампева, претседателка на Гласен текстилец.

По штипските подруми сѐ уште можат да се најдат стари шивачки машини од 50-тите и 60-тите години на 20-тиот век, но и такви  како тие од марката Багат, особено вреднувани во време кога Македонија беше дел од Југославија. Речиси секој штипски дом имаше по една таква.

Од Гласен текстилец се надеваат дека штипјани ќе ги пребараат старите фототеки, фото-албуми, збирки на фабрички весници, тие на Памучна индустрија Македонка и Модна конфекција Астибо, што излегуваа во периодот меѓу 1980 до 1990 година.

Изложбата „Градот што шие историја“ ја отвора вратата кон идејата за музеј на текстилството во Штип – градот што половина век живееше и растеше од конецот, иглата и индустриската визија.

Р. Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE