Возот за Кочани веќе четири години е „на поправка“

Возот на релација Скопје – Кочани не сообраќа од мај 2021 година, откако локомотивата се расипа и замина на ремонт. Таканаречениот „Шпански воз“. кој секој ден со два возни реда доаѓаше и заминуваше од Кочани преку Штип и Велес, чека на дизел мотор, додека уште пред шест месеци министерот за транспорт и врски Александар Николоски, најави дека амбиција на Владата е да пушти возови за Кичево и Кочани.

Тимот на Локал Актив провери до каде е постапката за враќање на возот. Потврдата е дека се ремонтира една дизел композиција која треба да се предаде во функција на ЈП Македонски железници- Транспорт.

„Патничкиот воз што моментално е во фаза на поправка е од серија 712, популарно наречен ‘Шпански воз’. Тој воз е во фаза на ремонт. Ни фали само уште еден дизел мотор, кој моментално се ремонтира. Очекуваме дека до крајот на септември ќе биде готов. Работиме на тоа некаде од октомври да биде во функција. Дали ќе биде за Кочани, дали ќе биде за Кичево или Куманово, одлучуваат од Одделот за патнички сообраќај.  Наше е возот повторно технички исправен да го ставиме во функција. Со него вкупно ќе имаме 16 локомотиви и патнички возови во експлоатација“, вели Игор Коруноски, Директор за влеча и одржување на возните средства и Член на Управен одбор на ЖРСМ Транспорт АД – Скопје.

Коруновски додава дека лична желба му е возот да сообраќа само од Велес за Кочани и обратно, да оди како локален воз. Со префрлање на патниците од Кочани во Велес да можат да ги користат останатите постоечки возови кон Скопје, Гевгелија и Битола. Со ова се остава простор со помалку трошоци да се воведат повеќе линии за Кочани.

Министерот Николовски при пуштањето на обновената пруга кон Белаковце рече дека се прави обид полека да се враќаат возовите кон градовите, кои во минатото имаа редовен железнички сообраќај.

„Она што е наша амбиција во следниот период, јас ги нарекувам овие возови ‘градски возови’, затоа што се работи за дистанци што и не се така големи, да пуштиме градски возови и до Тетово и до Гостивар, секако и амбиција да се врати целата линија до Кичево. Понатаму до Штип и Кочани, тоа е следната амбиција“, рече Александар Николоски, министер за транспорт и врски во февруари годинава.

Единствената железница кон Источна Македонија го живее најмрачниот период од своето постоење. За овие четири години, колку што не сообраќа возот на релација Скопје – Кочани- Скопје, станичарите се редовно на работа, иако некои поради пензионирање си заминаа. Меѓу нив и шефот на железничката станица во Кочани. Станичарите укажуваат дека по толку време треба да се провери и функционалноста на пругата.

Пругата кон Кочани е изградена во 1926 година и беше најбрзата изградена пруга во Кралството Југославија. За само 2 години тогашните вработени во Југословенски железници успеале да ги донесат шините од Штип до Кочани.

За време на Втората Светска војна, бугарските државни железници направиле обид да ја поврзат пругата со Благоевград.

Од 849 километри пруги во Македонија, само 80-тина километри се во Источна Македонија. Тоа е пругата од Велес за Кочани. Другите градови немаат никаква железничка поврзаност. Во Источна Македонија има помалку од 10% пруги, иако теренот за градба е многу подобар од тој во Западна Македонија. 

Г.Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE