Од Пониква рехабилитацијата на повредените од  „Пулс“ се сели во болниците

Заврши рехабилитацијата на повеќе од 150  повредени во пожарот во кочанската Пулс, што изминатите два месеци се одвиваше во одмаралиштето на Министерството за внатрешни работи (МВР) на планината Пониква. Лекарскиот тим е задоволен од напредокот во заздравувањето на изгорениците кај овие млади луѓе, кои понатаму со лекувањето ќе продолжат во Општа болница во Кочани и во Клиничка болница – Штип.

Началникот на Одделението за физикална терапија при Клиничка болница-Штип, Никола Костадинов, вели дека од страна на пациентите и тимовите од лекари специјалисти, физиотерапевти и здравствени работници е даден максимумот и веќе има добри резултати во заздравувањето на пациентите, коишто на 16 март годинава во пожарот во Пулс се здобија се тешки изгореници и повреди.

„Добивме максимум од секој пациент, имаме добри резултати, кај дел од пациентите кои се полесно повредени функциите се враќаат во нормала, а кај тие што имаат посериозни повреди процесот на заздравуваање е побавен. Меѓутоа, најважно од сѐ е што процесот на рехабилитација кај сите пациенти оди во нагорна линија“, изјави Костадинов.

Двонеделените рехабилитации на повредените се одвиваа во три групи. Лекарите и медицинските тимови со лекувањето и интензивни физикални вежби на повредените млади луѓе ќе продолжат во штипската и кочанска болница.

„Сега продолжуваме со рехабилитација во Општа болница во Кочани и во Клиничка болница– Штип. Моментално во Штип имаме шест пациенти, но со затвараање на Пониква, се очекува бројот да се зголеми, додека во болницата во Кочани бројот на пациенти ќе биде многу поголем“, изјави Костадинов.

Да се прилагоди одмаралиштето на МВР на планината Пониква за Центар за рехабилитација беше предложено од страна на семејствата на повредените, а поддржано од Владата, која обезбеди бесплатен третман за сите повредени.

В. Д.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE