Радовишките пожарникари добија реконструиран противпожарен дом

Близу една година од почетокот на работите, денес во Радовиш беше предаден во употреба реконструираниот противпожарен дом. За реконструкцијата на домот стар 90 години беа потрошени 165.000 евра, половина обезбедени преку Центар за развој на Југоисточен регион, додека половина се од буџетот на Општина Радовиш.

 Со овие средства беше заменет покривот и таванскиот дел, ставени се нови врати, прозорци, подови и електроинсталација, нов противпожарен водовод со хидранти и млазници, системи за греење и ладење, како и партерно уредување и подобрување на водоводната мрежа.

„Пожарникарите добија нов простор каде ќе можат да ги имаат сите услови за да одговорат на сите интервенции и предизвици. Реконструиравме зграда стара 90 години, да се надеваме дека вака реконструирана ќе им служи на пожарникатите во следните 100 години“, рече на свеченоста Ацо Ристов, градоначалник на Општина Радовиш.

Во изминатиот предиод за потребите на ППТЕ Радовиш преку проектот беше набавено противпожарно возило за справување со шумски пожари со потребната опрема. Второто возило е добиено преку организацијата Операција Флоријан од Англија, како донација. 

Во делот на противпожарната заштита во југоисточниот регион, како што најави директорот на Центарот за развој на Југоисточен регион, Ѓоко Камчев, е планиран уште еден значаен проект.

„Преку проект од ИПА програмата за прекугранична соработка со Грција планирано е набавка на термална камера која ќе детектира пожар во општините Босилово и Василево со стопроцентна опфатеност, додека територијата на Струмица ќе биде покриена со 85%. Радовиш ќе биде опфатен со една третина“, рече Камчев.

Оваа термална камера ќе биде мониторирана од Центар за управување со кризи (ЦУК) и ППТЕ Струмица, со што навремено ќе може да се интервенира. 

Р. Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE