Опис на проблемот
Источниот регион на земјава, во текот на последната година, беше особено погоден од кризата во која се најдоа голем број претпријатија, вклучително и големите текстилни компании. Главните причини се лоцираат во тоа што за сопствениците на конфекциите е речиси невозможно да дојдат до свеж капитал, бидејќи (неофицијално) банките овие компании ги сметаат за ризична инвестиција. Покрај тоа, иако текстилната индустрија во државата учествува со над 10% во индустриското производство, само 1,74% средства од унгарскиот кредит се наменети за текстилните компании. Од 470 компании на кои им е одобрен поволниот кредит од унгарските пари, текстилни компании се само 15.
Голем број работници останаа без работа, или пак со месеци работат без плати. Според податоците на Агенцијата за вработување, објавени во сторијата на Локал Актив на оваа тема, во периодот од 1 јануари 2025 до 27 јули 2025 година во Агенцијата за вработување биле регистрирани 5.393 одјави од задолжително социјално осигурување во текстилната индустрија. Од нив, 37% се поради истек на договорот на определено време, 19,7% се поради отказ од страна на работникот, 19,3% се поради спогодбен престанок на работен однос, 6,4% се поради отказ од страна на работодавачот, 3,4% се поради отказ од деловни причини, 0,3% се поради престанок на дејност на работодавачот, а 13,9% се одјави од други причини (смрт, записник од ДИТ и др.). Она што посебно загрижува е дека работите ги губат работнички во петта или шеста деценија во животот, жени на само неколку години пред пензија, кои целиот свој работен век го поминале на шивачките машини, во конфекциите.
Барања
- Бараме од Министерството за труд и економија, во координација со синдикатите, граѓанските организации и експертите да се донесе Национална стратегија за трансформација на текстилната индустрија. При изработката на стратегијата: процесот да биде транспарентен и инклузивен, според моделот на Борос (Шведска), со вклучување на сите засегнати страни (синдикати, граѓански организации, експерти, локални власти, универзитети и приватни компании).да се имаат предвид европските трудови и социјални стандарди и, притоа, наместо досегашниот модел „евтина работна сила“ да се развие пристап кој води кон произвoдство на висококвалитетни, брендирани и еколошки производи со висока додадена вредност.
- Бараме од Министерството за труд и економија, Агенцијата за странски инвестиции и другите надлежни институции да донесат мерки за поддршка на домашното производство и развивањето сопствени брендови: финансиски и даночни стимули за компании што инвестираат во сопствени производи и иновации, наместо во лон-производство;намалување на увозот на евтина и неквалитетна облека и во јавните набавки на јавните институции да се даде предност на домашните компании (особено за набавка на униформи, заштитна опрема и други производи).
- Бараме од општините во Источниот регион да донесат локални и регионални планови за индустриски развој: општините, особено во Источниот регион, да развијат планови за поддршка на текстилниот сектор, во координација со синдикати и работници;да се создадат регионални кластери за иновации, заеднички лаборатории и центри за маркетинг и извоз, достапни за мали и средни компании.
- Бараме од Министерството за труд и економија и Агенцијата за вработување да работат на развој на човечките ресурси: инвестирање во обуки и преквалификации за нови технологии, дигитален дизајн, еко-производство и стандарди за извоз;поттикнување на младите и жените да преземаат лидерски улоги во индустријата.
- Бараме од Владата на РСМ, Фондот за иновации и Министерството за финансии, при развивањето на стратегијата и конкретните мерки да ги имаат предвид принципите за одржливост, зелена економија и транспарентност: поттикнување на инвестиции во модернизација на опремата, намалување на отпадот, користење рециклирани материјали и нивна примена во други гранки;транспарентност и отчетност за доделените државни кредити, субвенции и нивните резултати;поттикнување на здравата конкуренција и борба против сивата економија и нелојалната конкуренција.
- Бараме од Владата на РСМ и Министерството за финансии: по примерот на Хрватска, да се воспостави Солидарен фонд кој ќе обезбеди исплата на плати и придонеси на работниците во случај на затворање на фирми или повлекување на странски сопственици.
Застапување за решавање на овој проблем
Во рамки на уредништвото на Локал Актив, граѓанска организација која изработи план на активности за застапување за да се поттикне решавањето на овој проблем е Здружението Гласен текстилец од Штип.
Реализирани активности
- Во рамки на емисијата „Бизнис објектив“ на ТВ Телма, емитувана на 29 септември 2025 г., беа емитувани повеќе прилози посветени на кризата во која се наоѓа текстилната индустрија во РСМ. Кристина Ампева од Гласен текстилец ги презентираше и наодите од анализата објавена на оваа тема на медиумот на заедницата Локал Актив.
- Во рамки на 9-та Текстилијада, на 3 октомври 2025 г. беше одржана јавна дебата на тема „„Модернизација на приватниот сектор: Одржлив раст, социјален дијалог и регионален развој“, на која на претставниците на надлежните институции на државно и на локално ниво, им беа предочени барањата на „Гласен текстилец“ и Локал Актив за донесување национална стратегија, за воведување финансиски и даночни стимули, усвојување планови за поддршка на текстилниот сектор, воведување Солидарен фонд и др.
- На 3 октомври, во рамки на Текстилијадата, беше организиран и посебен разговор со министерката за финансии, Гордана Димитриевска Кочовска и заменик министерот за труд и социјална политика Марјан Ристевски, на кој им беа пренесени проблемите со кои се соочува текстилната индустрија.
Локал Актив и натаму ќе ги следи мерките што ги преземаат институциите и ќе презема нови активности за решавање на овој проблем.


