Прочистувачи на воздух од највисока класа се поставени во неколку основни училишта и детски градинки во Струмица, со цел подобрување на квалитетот на воздухот и создавање поздрава средина за децата. Уредите се инсталирани во ООУ „Никола Вапцаров“, „Маршал Тито“, „Видое Подгорец“, „Сандо Масев“, како и во градинките ДГ „Виножито“ и ЈПУДГ „Детска Радост“.
Градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, ги посети образовните институции и информираше дека прочистувачите се обезбедени преку донација од Генералниот секретаријат на Владата.
„Благодарение на донацијата од Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија, дел од нашите образовни институции добија висококвалитетни уреди што користат Х14 ХЕПА филтри-филтри кои задржуваат над 99.995 отсто од вирусите, бактериите и другите микроорганизми, обезбедувајќи квалитет на воздух кој се споредува со услови во стерилни простории“, посочи Јанков.
Како што појасни градоначалникот, уредите се опремени и со префилтер со активен јаглен, кој значително ги намалува непријатните миризби и ја редуцира концентрацијата на штетни материи како озон, азотни оксиди и летливи органски соединенија. Со капацитет од 2.500 кубни метри на час, прочистувачите овозможуваат петкратна размена на воздухот во текот на еден час, што има директно позитивно влијание врз здравјето на децата и вработените.
„Здравјето и безбедноста на нашите најмали се врвен приоритет за Општина Струмица. Со овие современи прочистувачи на воздух обезбедуваме чист и свеж воздух во образовните институции и создаваме побезбедна животна средина за децата да можат да растат и да се развиваат здраво“, додава Јанков.
Општина Струмица има огромен проблем со загадувањето. Бројките забележани на 13 декември покажаа дека Тетово, Велес и Струмица се најзагадени градови. Тетово имаше бројки од 111 µg/m³, Велес 106 µg/m³ и Струмица 95 µg/m³, што според официјалната класификација спаѓа во категоријата „многу висока“ концентрација (над 90 до 180 µg/m³).
К. Т.


