Радовиш ќе гради прифатилиште за да го реши проблемот со бездомните кучиња

Со изгласаниот предлог-план и програма за 2026 година за контрола на бездомните кучиња, Општина Радовиш конечно ќе се обиде да го реши својот проблем, за кој и претходно пишуваше Локал Актив.

Општината претходно во 2022 година, заедно со уште 9 општини од Југоистокот реши да формира Регионално претпријатие за заловување и хуман третман на уличните кучиња, но истото подоцна не се формираше, бидејќи општините од овој регион сметаа дека регионалното претпријатие нема да ги даде очекуваните резултати, по што одлучија секоја општина самостојно да го решава овој проблем.

Поранешниот градоначалник на Општина Радовиш Герасим Конзулов, кој сега е дел од Советот, вели дека тие кучиња си имаат домови, но се пуштени од страна на сопствениците.

„Градењето на стационар за оваа потреба е мисловна именка за Радовиш. За да може работи по сите прописи, потребни се огромни финансиски средства. Со нив ќе имаме многу главоболки“, изјави Конзулов.

Сегашниот градоначалник на Општина Радовиш Љупче Почивалец, пак, вели дека тоа е прашање кои сите граѓани на оваа општина треба да ги засега.

„Ние веќе започнавме една постапка за изградба на прифатилиште. Тоа значи кучето да биде земено и после одреден третман кој го вршат ветеринарни доктори и по одреден период истото повторно да биде пуштено на улица. Прифатилиштето би чинело од 10 до 12 милиони денари, а истото ќе бара и вработување на неколку лица. Тоа е процес кој ќе следи во наредниот период каде заедно со советниците на Општина Радовиш ќе биде донесена конечната одлука“, вели Почивалец.

К. Т.

 

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE