Хуманитарна група граѓани од Кочани подготвува донација од рачно плетени изработки како поддршка на децата што се лекуваат на Клиниката за хематологија и на Клиниката за радиотерапија и онкологија на Универзитетската клиника во Скопје.
Зимава тие плетеа комбинации од капи, шалчиња, грејачи за глава, калци, чорапи и играчки што ќе им ги донираат на дечињата што се лекуваат од тешки болести.
„Акцијата за донирање е израз на нашата љубов и морална поддршка на пациентите на Хематологија и на Онкологија и на нивните семејства. Сите минуваат низ голема болка, но нашата порака е да ја продолжат борбата до целосно излекување и закрепнување. Во секој котелец од изработките се вплетени нашите искрени желби за добро здравје, истрајност и силна надеж“, истакна Марина Ристова, членка на групата ракотворки, додавајќи дека ова е само мал придонес од големата акција.
Со хуманитарната акција е опфатено 41 дете на возраст од една до 16 години.
Иницијативата за оваа хуманитарна активност произлезе од фејсбук-групата „Плетени коцки“ и е реализирана од клуб за рачна работа што работи во Кочани неполна година, а каде што љубители на плетењето даваат односно земаат часови за плетење и почнуваат да учат или се усовршуваат во изработката на предмети од конци.
Радува податокот што интересирање за плетење, покажуваат и деца на мала возраст.
Т. А.


