Струмица доби нов урбан парк

Фото: Општина Струмица

Преку програмата за прекугранична соработка со соседна Бугарија, во Струмица се изгради урбан зелен парк на површина од 12 712 м². Станува збор за простор во поранешната струмичка касарна, во непосредна близина на детската градинка „Виножито“, каде што во последниве години интензивно се подигнаа станбени комплекси. Паркот се изгради преку проектот „Зелен пулс во прекуграничниот регион“, вреден 390 илјади евра, кој го имплементираа општините Струмица и Петрич, а финансиран е од ЕУ.

„Во паркот има 1.628 метри пешачки патеки од природен травертин и богати тревни површини, каде што се засадени 460 украсни и автохтони дрвја и растенија. Паркот е опремен со енергетски ефикасно ЛЕД-осветлување и со соларен фотонапонски систем. Реализацијата на овој проект е во согласност со европските насоки за одржлив развој и придонесува за подобрување на условите за живот, почист воздух и поздрава животна средина за граѓаните“, истакна градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков.

Веднаш до овој парк, во наредниот период треба да никне уште една зелена површина за која струмичани гласаа преку Форум на заедниците, а ќе биде финансирана преку проект на УНДП. За таа цел, лани во ноември, во Струмица престојуваше постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) Армен Грегоријан.

Тогаш со градоначалникот Петар Јанков го посетија просторот каде што треба да никне новиот парк на површина од 14 илјади метри квадратни, со соодветна паркова инфраструктура и зелени површини.

„Станува збор за заедничка инвестиција во вкупна вредност од околу 26 милиони денари, од кои 10 милиони се обезбедени од УНДП. Ова е директен влог во создавањето здрава животна средина“, соопштија тогаш од Општината, нагласувајќи дека Струмица ќе добие уште едно „белодробно крило“.

Двете парцели што ќе формираат една голема паркова површина во населбата Карпош треба да помогнат во борбата против аерозагадувањето на Општина Струмица, што е еден од приоритетните еколошки предизвици, особено во зимските месеци.

В.Т.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE