Опис на проблемот
Како и во многу други градови низ Македонија, во Валандово често може да се видат средношколци како влегуваат во обложувалница. Валандово e oпштина со 10.500 жители, едно основно и едно средно училиште и девет објекти за игри на среќа. Младите отворено признаваат дека одат во „кладилници“. Иако вакви објекти нема веднаш до Средното училиште „Гоце Делчев“, сепак се наоѓаат на неполн километар од местото каде што учат средношколците. Слични објекти функционираат и во населените места Пирава и Јосифово, а се планира отворање на уште два нови.
Истражувањето што во март и април 2026 г. го спроведе редакцијата на Локал Актив покажа дека дури девет од десет интервјуирани средношколци оделе во обложувалници, најчесто по училишните часови и во слободното време, сами или во група. „Таму може да се видат и основци што уплаќаат“, велат средношколци на 18 години од СОУ „Гоце Делчев“ во Валандово со кои разговараше „Локал Актив“. Според нив, младите најчесто се обложуваат на спортски натпревари или на апарати (ВЛТ), со вложување мали суми.
Според Љубица Невеселова, социолог во СОУ „Гоце Делчев“ во Валандово, економските услови, социјалните норми, семејните влијанија, дигиталните и медиумските пораки, како и желбата за забава и припадност се меѓусебно поврзани и претставуваат клучни фактори поради кои голем број млади се впуштаат во игрите на среќа. Според неа, обложувањето на спортски натпревари сè повеќе станува проблем, бидејќи младите се постојано изложени на реклами за онлајн спортско обложување, казино-игри или апликации на социјалните мрежи. Ова создава впечаток дека игрите на среќа се модерни, лесни и достапни.
За димензиите и последиците од овој проблем во малите средини, но и пошироко во целата земја Локал Актив пишуваше во сторијата објавена во почетокот на април 2026 година.
Барања
#Бараме воведување пилот-програма (со теоретски дел и интерактивни работилници) која ќе се спроведе во СОУ „Гоце Делчев“ – Валандово во учебната 2026/2027 г., од страна на обучени лица, а која ќе има за цел кај средношколците да поттикне: развој на критичкото размислување и емоционална писменост, препознавање на конструктивни и деструктивни модели на однесување во реални ситуации и справување со стрес и ризични однесувања (вклучително и игри на среќа).
#Бараме воведување програма за едукација на родители (работилници, советодавни средби), која ќе се спроведе во истото училиште во учебната 2026/2027 година, од страна на стручните служби и/или обучени фасилитатори, а која ќе им помогне на родителите: да препознаваат ризично однесување кај младите (вклучително и игри на среќа), да ја подобрат комуникацијата со нивните деца и полесно да се справуваат со современите психосоцијални предизвици.
#Бараме од надлежните институции да внесат строги одредби во Законот за игри на среќа за операторите на вакви игри и да финансираат и учествуваат во спроведување сеопфатна јавна кампања за зголемување на информираноста за ризиците од игрите на среќа.
Застапување за решавање на овој проблем
Во рамки на уредништвото на Локал Актив, граѓанска организација која изработи план на активности за застапување за да се поттикне решавањето на овој проблем на подрачјето на општина Валандово е Здружението „И ЈАС СУМ“.
Реализирани активности
- На 11 мај 2026 година здружението „И Јас Сум“ организираше онлајн јавен настан на тема „Млади, образование и современи предизвици“ со цел да се разговара за современите предизвици и ризици со кои се соочуваат младите, како и промените во современото родителство. На настанот се истакна значењето на едукацијата за животни вештини кај младите, вклучително емоционална саморегулација, критичко одлучување и препознавање на конструктивни и деструктивни модели на однесување.
- На 28 мај 2026 година до Министерство за образование и наука беше доставена Информација за спроведените активности во училиштата и Барање за воведување на пилот-програми за едукација на ученици и на родители за препознавање на ризично однесување кај младите (вклучително и игри на среќа) и за развој на критичкото размислување и емоционална писменост на младите.
- На 9 јуни 2026 година е одржан онлајн состанок со директорот на СОУ „Гоце Делчев“ од Валандово, на кој се разговараше за заедничка реализација на пилот-проект наменет за средношколците и нивните родители, во текот на учебната 2026-2027 година. Проектот би имал за цел да ја подигне свесноста кај средношколците за ризиците од игрите на среќа, и да им помогне на родителите во справувањето со ризиците со кои се соочуваат нивните деца.
- На 8 јуни 2026 година е одржана работна онлајн средба со стручни лица: Љубица Невеселова, социолог од СОУ „Гоце Делчев“ – Валандово и Анита Китановиќ, психолог од ОУ „Јосип Броз Тито“ – Валандово. На средбата подетално се разговараше за нацрт-верзијата на пилот-проектот. Се предвидува програмата да трае два месеци во учебната 2026/2027 година, еднаш неделно по два наставни часа, интегрирани во распоредот на една паралелка од прва година.
- Како резултат на договорените активности, на 16 јуни е потпишан и Меморандум за соработка меѓу Здружението „И ЈАС СУМ“ и СОУ „Гоце Делчев“ од Валандово.


