Фото: Општина Радовиш / Архива
Општина Радовиш презема конкретни чекори за изградба на нов градски базен. Градоначалникот Љупче Почивалец најави дека е започната официјалната постапка за обезбедување на земјиштето на локацијата на стариот базен.
Според Почивалец, иницијативата дошла од самите сопственици на приватното земјиште каде што некогаш се наоѓал базенот, кои изразиле подготвеност да ѝ го продадат имотот на Општината.
„Со оваа одлука само ја отпочнуваме постапката, а следната фаза ќе биде ангажирање вешто лице што ќе ја одреди пазарната вредност“, истакна градоначалникот.
На локацијата се опфатени четири сопственици. Едната парцела е со површина од околу 1.383 метри квадратни, додека втората е помала, каде што Општината треба да откупи идеални делови. Сопствениците се согласни земјиштето да го дадат во интерес на општината.
За реализација на овој проект нема да бидат потребни долготрајни измени во урбанистичката документација.
„Немаме потреба да правиме никаква измена во делот на Деталниот урбанистички план, бидејќи токму на таа позиција е предвиден базен. Инаку, таму имаме и речиси 2 000 метри квадратни државно земјиште, па со овие две позиции ќе добиеме парцела од околу 3 500 квадрати, што е доволно за да направиме едно убаво место за нашите сограѓани, со поголем и помал базен, според сите стандарди“, изјави Почивалец.
К. Т.


