Општина Радовиш бара управување со ТИРЗ-зоната за привлекување нови инвестиции

Фото: ТИРЗ

Локалната самоуправа на Радовиш започна иницијатива за преземање на Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) под своја надлежност. Целта на ова барање, упатено до Дирекцијата на ТИРЗ и до Владата, е Општина Радовиш сама да стопанисува со зоната и да ја приспособи на потребите на инвеститорите.

Градоначалникот Љупче Почивалец образложи дека зоната, иако постои повеќе од една деценија, досега не го дала очекуваниот економски ефект.

„Знаете дека во изминатите години имаме ТИРЗ-зони низ државата, како што имаме и ние во Радовиш. Меѓутоа, во изминатиот период најверојатно во ниеден момент не се успеа да биде искористена од одредени инвеститори или компании“, изјави Почивалец.

Општината планира по преземањето на сопственоста да изврши реорганизација на просторот за да го направи поатрактивен за бизнис-секторот.

„Ќе биде доставено наше барање до Владата, таа технолошко-индустриска развојна зона да биде предадена во сопственост на Општина Радовиш, со цел ние како општина да можеме да ја стопанисуваме. Сакаме да правиме парцелизација во зависност од нашите потреби и да ги даваме на наддавање на домашни и на странски компании што ќе сакаат да изградат погон, фабрика или каков било друг објект“, појасни тој.

Според планот, оваа површина што досега се водеше како ТИРЗ, треба да се трансформира во индустриска зона во сопственост на Општина Радовиш, со што локалните власти ќе имаат одврзани раце за директни преговори со потенцијални инвеститори и поттикнување на локалниот економски развој.

К. Т.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE