Шест децении чувар на струшкиот театарски дух

Фото: Приватна архива

Речиси шест децении на штиците што живот значат, околу 130 режирани претстави и многубројни одиграни улоги се дел од животната приказна на стружанецот Ристе Миладинов, директен потомок на браќата Миладиновци. Желбата да ја продолжи културната дејност на своите предци е главен мотив поради кој овој 78-годишен енергичен стружанец му се посветил на театарот. Го основал аматерското драмско студио „Миладин“, а дел од неговото портфолио се и големиот број награди и признанија.

Меѓу тие признанија е неодамнешната награда за животно дело за придонес во драмската уметност „Петковиот аманет“, што ја доби на 12. Струшки книжевни средби, од Здружението за литература и култура „Бран“ и од „Македонска поетска ризница“.

„Љубовта кон културата воопшто е многу голема и ме исполнува во животот. Токму тоа ме држи на сцената. Покрај мојот ангажман со драмското студио ‘Миладин’, секоја Нова година им носам радост на најмладите во улогата на Дедо Мраз. Организирам и повеќе културни манифестации, а со посебен жар ги подготвувам одбележувањата на значајните датуми поврзани со моите предци, браќата Миладиновци – нивното раѓање, смрт, објавување на Зборникот“, сподели чичко Ристе за „Локал Актив“.

Фото: Приватна архива

Но, најголем мотив, вели тој, му е публиката, која никогаш во овие речиси 60 години на сцената не го изневерила. Токму нејзината поддршка го одвратила од намерите да се повлече од драмската уметност по заокружувањето пет децении театарска дејност.

„Срцето ми е полно кога ќе видам сала исполнета до последното столче со публика, која со љубов чека актерите да излезат на сцената. Секогаш си поставувам задачи што треба да ги реализирам на полето на културата, а верувам дека Господ ме слуша и ми помага да ги остварам тие цели“, додава Миладинов, кој најчесто со солзи во очите ги прима громогласните аплаузи по секое успешно завршено дело.

Со минимална институционална поддршка и сопствени средства, Миладинов ги презема речиси сите обврски околу подготовките на претставите и организацијата на манифестациите. Тој ги режира претставите, ги пишува сценаријата, осмислува костими и ја избира музиката. Во последната година сам го обезбедува и просторот за подготовка на претставите. Годишно подготвува четири до пет премиери, воден од љубовта кон театарот и желбата да ѝ подари нови приказни на публиката.

А публиката, пак, со нетрпение ја очекува секоја следна претстава, подготвена да биде сведок на уште едно креативно дело на овој посветен стружанец. Низ неговите претстави досега поминале приближно 400 актери аматери, а интересот за вклучување во драмското студио „Миладин“ не стивнува.

Н. К.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE