Кривопаланчани „жедни“ за театар

Фото: Општина Крива Паланка

Со девет претстави од Македонија, Србија, Бугарија и од Црна Гора, заврши 18. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка.

Со оглед дека Крива Паланка нема театар, задоволството беше видливо кај публиката „жедна“ за театарска уметност. Салата беше преполна секоја вечер, а сцената на Националната установа „Центар за култура“ исполнета со различни драмски приказни, актерски остварувања и театарски жанрови.

Фото: Општина Крива Паланка
Фото: Општина Крива Паланка

„Бев на сите девет претстави. Овој период од годината е резервиран традиционално за театар во вечерните есенски часови“, споделува млада кривопаланчанка.

„Задолжително, секоја година сме едни од редовните гости на фестивалот. Се смееме, а најмногу уживаме во претставите на Србите, тие несомнено секогаш се врвни“, вели средовечен брачен пар од градот.

„Навистина е жално што немаме можност за театар преку целата година, затоа овие неколку вечери кривопаланчани ги користат максимално. Реално и цените на билетите се симболични – 100 денари, па така секој може да си дозволи да биде дел од културата и од театарската еуфорија. Многу се учи од театарот“, вели друг жител на градот.

Лауреат на овогодишното издание на фестивалот, кој го носи името на закрилникот и светец на градот, беше познатиот македонски актер Тони Михајловски.

„Заслужено признание за неговиот исклучителен актерски талент, повеќедецениска посветеност и траен придонес во македонската култура“, велат од Општината.

Првиот човек на Крива Паланка, Сашко Митовски, со порака:

„Да им оставиме на младите сцена на која храбро ќе зачекорат и слобода да го кажат својот збор. Нашиот фестивал го слави своето полнолетство, а неговата иднина е наша одговорност“.

Фото: Општина Крива Паланка

Фестивалот заврши со кабаре-комедијата „Балкански мажи“, на продукцијата „МониКарт“ од Нови Сад, која преку хумор, музика и сатира ги обработи темите за партнерските односи и за балканскиот менталитет.

Од Општина Крива Паланка посочуваат дека фестивалот, кој веќе 18 години ги поврзува театарската уметност, публиката и градот, прераснал во препознатлив дел од културниот живот на општината.

Со завршувањето на годинашното издание, фестивалот ја продолжува традицијата на регионална театарска соработка и ги поставува темелите за нови средби меѓу уметниците и публиката.

Х. С. 

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE