Основно училиште во с. Џепин / Фото: М.Т.
Поради намалувањето на бројот на ученици, од 1 септември во Струга се затворени четири основни училишта. Станува збор за објекти што се наоѓаат во пооддалечените селски средни во Струшкиот Регион, во селата Поум, Џепин, Богојци и Нерези, каде што останале да учат меѓу три и шест ученици. Учениците во овие подрачни училишта продолжија да ја следат наставата во најблиското поголемо училиште. Ваквата одлука Општината ја донела во консултација со Министерството за образование и наука.
„Овој процес требаше да започне пред 20 години, а не сега. Оваа рационализација и оптимизација на училишната мрежа е во интерес на учениците да се социјализираат и да учат како што треба, а истовремено е во интерес и на воспитно-образовниот процес“, вели Џеми Хајредини, раководител на Секторот за образование во Општина Струга.
Дополнително дојде до намалување и на бројот на паралелки во струшките основни училишта за вкупно 30, што значи дека во секое училиште дојде до кратење на две до пет паралелки. Но, ниеден наставник што е ангажиран со договор за вработување на неопределено време не останал без работа.
„Локалното население ова го доживува емотивно, бидејќи сите имаат потреба да имаат свое училиште, но во иднина ќе увидат дека оваа одлука навистина има вредност. Ние сметаме дека е неопходно да го унапредиме квалитетот на образованието, да овозможиме поголема социјализација на учениците, како и да создадеме што е можно подобри услови и средина за учениците во која учат и работат заедно со своите врсници. Овој начин токму тоа ќе го овозможи“, вели Каим Даути, директор на Централното основно училиште „Нури Мазари“ во село Делогожда.
Општина Струга првично имаше план да дојде до затворање на осум подрачни училишта и четири централни училишта, но тоа не се случи бидејќи, како што велат од Општината, во овој момент немало клима за такво нешто. Во Струга годинава се запишани и 30 првачиња помалку од лани, односно 470 наспроти ланските 500.
За разлика од Струга, Општина Охрид не затвори ниедно подрачно училиште во рамките на процесот на оптимизација и рационализација на образовната мрежа и нема да има ученици што поради вакви мерки ќе бидат принудени да посетуваат настава во друго училиште.
„Воедно, нема да има отпуштање на наставен или на друг помошен кадар што работи во училиштата“, велат од Општина Охрид.
Но и во Охрид, како и насекаде низ Македонија, има пад на бројот на ученици секоја година.
М. Т.


