Опис на проблемот
Проблемот со бездомните кучиња во Струга одамна не е само комунално прашање, туку станува и прашање на безбедноста и квалитетот на секојдневниот живот на граѓаните. Групи кучиња се движат низ улиците, Чаршијата, плажите и други фреквентни локации, а дел од граѓаните пријавуваат напади со физички последици. Во првите седум месеци од 2026 година, во СВР Охрид биле пријавени 10 напади од куче, наспроти шест во текот на целата 2025 и осум во 2024 година.
Истражувањето на Локал Актив покажа дека во Струга и струшко има меѓу 600 и 800 бездомни кучиња, додека според податоците на Агенцијата за храна и ветеринарство, досега биле заловени 70 бездомни кучиња и регистрирани 1.995 домашни миленици. Од АХВ како главни причини за зголемувањето на бројот на бездомни кучиња го посочуваат неконтролираното размножување и неодговорното однесување на некои сопственици.
Општина Струга предлага изградба на стационар преку јавно-приватно партнерство, со капацитет за 250 кучиња. Според најавениот модел, Општината би издвојувала 100.000 евра годишно, додека приватниот партнер би го изградил и би управувал со објектот во период од 15 години. За предлогот, сепак, досега не е обезбедена потребната поддршка од Советот на Општината. Опозиционите советници бараат јавна расправа и дополнително разгледување на физибилити студијата, бизнис-планот и постапката за избор на инвеститор, додека советниците од мнозинството го поддржуваат стационарот како решение за долгогодишниот проблем.
Ветеринарите укажуваат дека стационарот може да биде дел од решението само доколку во него се спроведуваат кастрација, стерилизација, чипирање, вакцинација и лекување, според ветеринарни стандарди. Според нив, неопходна е и контрола на сопствениците, регистрација на милениците и доследна примена на законските санкции.
Сторијата го отвора и прашањето за поширок регионален пристап. Иако проблемот ги засега сите општини во Југозападниот плански регион, досега нема иницијатива за заеднички регионален стационар или за координиран механизам. Податоците и ставовите презентирани во истражувањето укажуваат дека изградбата на објект сама по себе не може да го реши проблемот без долгорочен план и координирана институционална акција.
Барања
#Бараме Општина Струга да обезбеди целосна транспарентност на постапката за изградба и управување со стационарот за бездомни кучиња и да организира јавна расправа со граѓаните, граѓанските организации, ветеринарите и независни експерти, пред донесувањето на одлука за моделот на негово финансирање, изградба и управување.
#Бараме Општина Струга да ја објави физибилити студијата, бизнис-планот, проценката на бројот на кучиња, предвидените трошоци, условите за избор на приватен партнер и критериумите според кои ќе се оценува успешноста на стационарот.
#Бараме Општина Струга да изработи и да објави повеќегодишен план и програма за управување со популацијата на бездомни кучиња, со јасно утврдени цели, активности, рокови, буџет и мерливи индикатори за резултатите.
#Бараме од Агенцијата за храна и ветеринарство да обезбеди Општина Струга и другите општини од Југозападниот плански регион да бидат активно вклучени во подготовката на регионалната проценка и мерките за управување со популацијата на бездомни кучиња, во рамките на новата национална стратегија.
Застапување за решавање на овој проблем
Во рамки на иницијативата Локал Актив, граѓанска организација која изработи план на активности за да се поттикне решавањето на овој проблем во Југозападниот регион, но и пошироко, е Здружение за локална демократија Центар на заедницата на општина Струга.
Реализирани активности
- На 13 октомври 2026 година, Центарот на заедницата на општина Струга, врз основа на истражувањето на Локал Актив и подготвениот План за застапување испрати официјален допис до Општина Струга, со барање да се организира јавна расправа и да се преземат конкретни мерки за решавање на овој проблем.
- На 16 октомври 2026 година, Центарот на заедницата на Општина Струга организираше јавна расправа во соработка со Советот на Општина Струга, на која се дискутираше за решавање на проблемот со бездомните кучиња во градот. Во расправата беа изнесени различни гледишта за можностите за решавање на овој проблем, вклучително и изградба на стационар за згрижување на кучињата скитници преку јавно-приватно партнерство.
- На 26 октомври 2026 година, Центарот на заедницата на Општина Струга упати допис до Агенцијата за храна и ветеринарство со барање Општина Струга и другите општини од Југозападниот плански регион да бидат активно вклучени во подготовката на регионалната проценка и мерките за управување со популацијата на бездомни кучиња, во рамките на новата национална стратегија.
Локал Актив и натаму ќе ги следи мерките што ги преземаат институциите и ќе презема нови активности за решавање на овој проблем.


