Фото: З.А.
Одбележувајќи го Меѓународниот ден на белиот стап, во Тетово беа поставени четири нови семафори опремени со звучна сигнализација за побезбеден премин на сообраќајниците на слепите и слабовидите лица. Во градот во минатото постоеја повеќе вакви семафори, но поради неодржување, тие веќе не се во функција, а исто така и повеќе сообраќајници добија кружни текови при што беа отстранети семафорите.
„Едно од нашите барања до Општина Тетово беше на крстосниците каде што сообраќајот се регулира со семафори, тие да бидат опремени со звучна сигнализација. Еве сега нашето барање се оствари и многу ќе се олесни минувањето на крстосниците за слепите и слабовидите лица. Засега има поставено вакви семафори на четири крстосници, но наше залагање е ваква сигнализација да биде поставена на сите семафори во градот“, вели Хамди Џамаили, претседател на Здружението на слепи и слабовиди лица од Тетово.
„Вакви семафори се поставени во близина на судот, кај Медицинското училиште, на булеварот ‘Благоја Тоска’ во близина на тетовската болница и во близина на Шарената џамија. Имаме план наскоро вакви семафори да се постават и на други локации што се со поголем сообраќаен интензитет“, изјави градоначалникот Билал Касами на одбележувањето на Денот на белиот стап.
За слепите лица исто така многу проблематично е и минувањето на кружните текови во градот, кои ги има сè повеќе.
„На кружните текови многу тешко се снаоѓаме. Ако имаш придружник со себе, не е проблем, но ако се движиш сам, е тогаш навистина тоа знае да биде многу ризично. Еве јас, кога сам проаѓам на кружен тек, ќе го подигнам ‘белиот стап’ што го носам ,со надеж дека сите возачи знаат што е тоа за да застанат и да можам безбедно да поминам“, вели Хамди Џемаили.
Од здружението бараат Општината да изгради и патеки за слепите лица, секако не за цел град, но барем таму каде што почесто се движат – како болница, банка, општинската зграда и слично.
„Ете и до просториите од нашето здружение нема ваква патека, па на членовите им е отежнато доаѓањето до нашата канцеларија. Затоа бараме од градоначалникот да испрати лица од Општината кај нас за да седнеме и да поразговараме каде е неопходно да се постават вакви патеки. За нас движењето низ градот односно по тротоарите е исклучително тешко и поради тоа што некои возила се паркираат на самиот тротоар. Тоа многу ни го отежнува движењето, но не само нам, тешко минуваат и лицата со инвалидски колички, мајките со деца, старите лица… Добивме ветување дека и овој проблем ќе се реши, но засега без резултат“, посочува Џемаили.
Лидија Дабевска, секретарка во Здружението на слепи и слабовиди лица од Тетово, посочува дека немањето персонални асистенти исто така им создава голем проблем на слепите лица, а и поддршката од институциите е крајно намалена.
„Во Тетово има еден давател за оваа услуга, но сѐ уште се чека Министерството за социјална политика да им даде лиценци на 44 асистенти за да можат да работат. Затоа нашите членови се снаоѓаат како знаат и умеат, а најчесто на помош им доаѓаат роднините и пријателите за да можат безбедно да прошетаат низ градот. Порано од Министерството добивавме разни помагала, на пример ни даваа звучни часовници и слично, но денес веќе нема ништо од тоа, дури и белиот стап сами си го набавуваме“, вели таа.
З. А.


