Тротоарите во центарот на Тетово зафатени од автомобили, пешаците се движат по коловози

Фото: З.Д.

Паркираните возила на тротоарите во центарот на Тетово секојдневно им го отежнуваат слободното движење на граѓаните, претворајќи ја обичната прошетка во ризично искуство.

Aвтомобилите се паркирани на тротоари, на пешачки премини и раскрсници, со што директно им се загрозува безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Најпогодени од овој хаос се пешаците, кои поради блокираните патеки се принудени да се движат по самиот коловоз.

Граѓаните реагираат, загриженоста и незадоволството кај нив постојано растат:

„Секој ден минувам низ центарот со детска количка и речиси е невозможно да се оди по тротоар. На секои десет чекори мора да слезам на коловозот бидејќи има паркирано автомобили. Ова е исклучително опасно за децата“, вели една тетовка, мајка на две деца.

„Како постаро лице, за мене секојдневното излегување стана стрес. Поради паркираните коли немаме никаква прегледност кога преоѓаме улица, а возачите често брзаат. Тротоарите се направени за пешаци, а не за паркинг“, додава друг тетовец.

Поради ваквата состојба на терен, од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово известуваат дека во изминатиот период спровеле редовни контроли и засилени акциски мерки. 

Според службениот извештај од Секторот за внатрешни работи Тетово, во периодот од 1.1.2026 до 30.9.2026 година се изречени вкупно 2.390 мерки за непрописно паркирани возила на сообраќајниците, тротоарите, пешачките премини и на други недозволени површини на подрачјето на Тетово. 

Од СВР Тетово упатуваат апел до сите возачи и учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и своите возила да ги паркираат исклучиво на предвидените и одбележани места за да не ја загрозуваат безбедноста на граѓаните.

З. Д.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE