Фото: А.М.
Во Куманово 39 правни и 205 физички лица се затоплуваат со природен гас. Дел од зградите што се водат како правни субјекти имаат и централно греење, при што приближно 200 станбени единици користат гас.
„Од оваа година, меѓу т.н. ‘големи потрошувачи’ се Основниот суд Куманово, Секторот за внатрешни работи Куманово и Центарот за вработување. Овие институции беа приклучени на мрежата лани, но мораа да користат нафта, бидејќи веќе имаа набавено таков енергент“, изјави директорот на Јавното претпријатие „Куманово гас“ Марко Митровски.
Речиси сите училишта во Куманово се приклучени на гас, а меѓу поновите корисници се и истурениот објект на основните училишта „Браќа Миладиновци“, „Крсте Мисирков“ во Соколана и Основното музичко училиште „Панче Пешев“. Претпријатието ќе ја прошири мрежата и кон индустриските зони во Куманово. Во фаза на проектирање се проекти за зоната Речица, како и за улицата „Индустриска“, која се смета за една од најстарите зони во градот. Гас ќе можат да користат и средното училиште што се гради, факултетот, касарната, други институции и установи. Лани претпријатието ја прошири мрежата кон индустриската зона во Доброшане на барање на тамошната бизнис-заедница.
За Куманово, како една од најзагадените општини, клучен е придонесот на користењето гас наместо нафта. Меѓу долгорочните стратегии на Општината за намалување на аерозагадувањето е приклучок на сите институции, установи и поголеми објекти на гас.
„Природниот гас при согорувањето ослободува помалку јаглерод диоксид и значително помалку цврсти честички во споредба со нафтата. Во грејната сезона 2025/2026 година дистрибуиравме околу 586.000 нормални метри кубни природен гас, со што е заменета употребата на приближно 586.000 литри нафта. Бидејќи најголем дел од овие објекти се наоѓаат во централното градско подрачје, каде што загадувањето е најизразено, преминувањето на почист енергент има значење за квалитетот на воздухот“, вели Митровски.
Општина Куманово нуди субвенција за приклучок на гас од 25.000 денари, а и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави оглас за надоместување на дел од трошоците за изведба на приклучок на системот за дистрибуција на гас или за набавка на котел на гас на извршен приклучок на системот за дистрибуција на гас во 2026 година. Од „Куманово гас“ очекуваат проширувањето на мрежата, приклучувањето на нови институции и индустриски капацитети и финансиската поддршка за домаќинствата да придонесат за зголемување на бројот на корисници на природен гас во Куманово.
А. М.


