Фото: Општина Крива Паланка
Осаменоста, здравствените проблеми, ограничените финансиски средства и потребата од секојдневна помош се меѓу најголемите предизвици со кои се соочуваат старите лица во Крива Паланка. За оние што живеат сами, а нивните деца и блиски се во други градови или во странство, недостигот од човечки контакт и дружење дополнително влијае врз нивната емоционална благосостојба и квалитетот на животот.
„Во вакви услови, социјалните услуги што ги обезбедува Општинската организација на Црвениот крст Крива Паланка, во соработка со Општина Крива Паланка и Министерството за социјална политика, демографија и млади, имаат значајна улога во поддршката на повозрасните граѓани“, вели Маја Илиевска, секретарка на кривопаланечкиот Црвен крст.
„Помош и нега во домот“ и „Центар за дневен престој на стари лица со активно стареење“ се двете услуги преку кои се настојува на старите лица да им се овозможи побезбеден, подостоинствен и поисполнет живот, со поддршка приспособена на нивните лични потреби.
Според Илиевска, преку услугата „Помош и нега во домот“ во моментов се опслужуваат 106 корисници, за кои се грижат 40 негуватели. Половина од корисниците живеат сами. Во Центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење, пак, се вклучени 50 корисници, од кои 20 отсто од нив живеат сами.
„Услугата ‘Помош и нега во домот’ ја спроведуваат обучени и сертифицирани негуватели, кои ги посетуваат корисниците во нивните домови и им помагаат во секојдневните активности. Поддршката вклучува помош при одржување на личната хигиена, облекување, хигиена во домот, подготовка на оброци, набавка на намирници и лекови, како и други активности во согласност со потребите на секое лице. Но, придобивките од оваа услуга не се сведуваат само на практичната помош. За лицата што живеат сами, посетата на негувателот често е и можност за разговор, внимание и чувство на сигурност“, вели секретарката на ОО Црвен крст Крива Паланка.
Здравствените проблеми и намалената подвижност се дополнителен товар за повозрасните лица, особено кога треба самостојно да се грижат за домаќинството, да набавуваат храна и лекови или да одат на лекар. Во такви ситуации, поддршката во домашни услови им овозможува полесно да се справуваат со секојдневните обврски и да продолжат да живеат во познатата средина.
„Друг важен сегмент е Центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење, кој им овозможува на корисниците простор за дружење, социјализација, креативно изразување и активно поминување на слободното време. Преку работилници, едукативни и рекреативни активности, дружења и заеднички настани, старите лица имаат можност да ги споделуваат своите знаења и искуства, да стекнуваат нови вештини и да одржуваат социјални контакти. Организираните екскурзии и посети дополнително го збогатуваат нивното секојдневие и им овозможуваат нови искуства надвор од Центарот“, појаснува Илиевска.
Таа нагласува дека од особено значење при ваквите активности е што повозрасните не се третираат само како корисници на социјални услуги, туку и како активни членови на заедницата, чие животно искуство, знаење и придонес се важни и вредни.
Сепак, предизвиците со кои се соочуваат старите лица остануваат комплексни.
„Осаменоста не може да се надмине само со обезбедување материјална помош, исто како што здравствените проблеми и намалената подвижност не можат секогаш да се решат без постојана поддршка. Затоа, покрај институционалната грижа, значајни се и човечкиот контакт, семејната поддршка и можностите за активно учество во општествениот живот“, заклучува Илиевска.
Преку двете услуги, Црвениот крст Крива Паланка настојува да придонесе за поголема самостојност, сигурност и социјална вклученост на старите лица, со цел тие да продолжат да живеат достоинствено и да се чувствуваат почитувани и прифатени во својата заедница.
Х. С.


