Грејната сезона почна, а струшките училишта се без греење

Фото: М.Т.

Иако грејната сезона е почната, учениците во основните и во средните училишта во Струга се без греење, бидејќи доцни набавката на потребните количини нафта и дрва за загревање на училишните објекти и на училниците. Во основното училиште во струшкото село Дрслајца, родителите не ги пуштаат децата на настава, а скратени часови има и во други училишта во градот. Некои од учениците предвреме ги напуштиле училишните клупи. Од Општина Струга велат дека ќе има нафта.

„По завршувањето на тендерската постапка за нафта и дрва, во тек е испораката на нафта и на дрва во основните училишта. Ова е благодарение на основниот буџет на Општина Струга. Во средните училишта е во тек тендерската постапка што ја спроведуваат самите училишта. Во наредниот период очекуваме поголема поддршка од МОН односно од Владата“, вели Џеми Хајредини, раководител на Секторот за образование во Општина Струга.

Некои од директорите не сакаат да ја коментираат актуелната ситуација, но учениците велат дека не можат да учат во студени училници.

„Ова што се случува е недозволиво. Најлошо е наутро кога температурите се многу ниски, а училниците студени. Буквално се смрзнуваме. Само 5 минути ни ги скратија часовите. Една недела-две е вака и смрзнати сме“, вели еден ученик што учи во средното училиште „Нико Нестор“.

„Нема греење, нема ништо, многу е студено. Наутро имаше можеби само 10 минути и толку, но и тоа го нема“, вели друг ученик што учи во гимназијата „Ибраим Темо“.

Учениците велат дека ако е потребно, ќе ја бојкотираат наставата ако нема брзо решение на проблемот со загревање на училиштата. Официјално грејната сезона во Македонија почна на 15 октомври, но струшките училишта сезоната на греење ја почнаа неподготвени.

М. Т.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE