Тетовчани стравуваат за безбедноста поради проблемот со бездомните кучиња

Фото: З.Д.

Глутници кучиња скитници слободно се движат низ градските улици и јавните површини низ Тетово сеејќи страв и паника кај населените. Најчесто ги има во утринските и во вечерните часови. Трагајќи по храна, сѐ почесто ги напаѓаат и граѓаните.

„Тетово навистина е небезбедно кога станува збор за кучињата скитници. Тие се незгрижени, а граѓаните се небезбедни. Овој проблем трае со децении. Имало сериозни инциденти во кои луѓе завршувале со тешки повреди. Но, очигледно, ни ваквите случаи не ги поттикнуваат институциите да преземат посериозни чекори“, вели еден жител на Тетово.

„Ова што се случува е катастрофа. Секој град има проблем со кучињата скитници, но ова што се случува во Тетово никаде го нема. Не можеш да излезеш ни навечер ни наутро. Сè почесто родителите ги носат децата со автомобил, иако училиштата ни се во близина. Кучињата напаѓаат и пред зграда, кога излегуваш или влегуваш“, додава друг тетовец.

Годинава полицијата веќе евидентирала 18 пријави повеќе отколку во цела 2025 година. Според податоците што СВР Тетово ги достави до „Локал Актив“, годинава досега се евидентирани 46 пријави за напади од кучиња скитници. Во 2025 година имало 28 пријави, во 2024 година 67, во 2023 година 73, во 2022 година 60, а во 2021 година 66 пријави.

Вкупниот број напади може да биде и поголем, бидејќи дел од случаите најчесто и не се пријавуваат во полицијата.

Од Општина Тетово, пак, велат дека во соработка со Друштвото за грижа на бездомни кучиња „Ана Агро“, постојано спроведува активности за заловување, третман и згрижување на бездомните животни.

„Во Засолништето за кучиња за периодот од 1 јануари до 30 октомври 2026 година биле заловени и третирани вкупно 50 кучиња. Од нив 37 кучиња, по спроведениот третман, биле вратени на локациите од кои биле заловени и 13 кучиња нашле нов дом преку процес на посвојување. Во наведениот период нема евидентирано ниту едно куче што било евтанизирано. Сите заловени кучиња биле подложени на соодветен хуман третман, при што била извршена и процена на нивната социјализација“, одговорија за „Локал Актив“ од Општина Тетово.

Од Општината одговорија дека активностите на терен се реализирани на повеќе локации во градот и во околните населени места, во согласност со пријавите и утврдените потреби на терен.

З. Д.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE