Живот под чад – кумановци бараат решение за опасното палење отпад

Фото: Локал Актив

И покрај многубројните пријави од граѓаните, интервенциите на пожарникарите и мерките што ги најавуваат локалните институции, долгогодишниот проблем со палењето отпад, гуми, пластика и дивите депонии на потегот од Спомен-костурницата до населбите Средорек, Бавчи, Стари Лозја и Перо Чичо во Куманово се повторува и сериозно го нарушува квалитетот на воздухот и здравјето на жителите

Авторки: Александра Максимовска и Теодора Стоевска*

 

Речиси секојдневно жителите покрај булеварот „Октомвриска револуција“ од Куманово затвораат прозорци за да се заштитат од мирис на отпад и на изгорена пластика. Граѓаните од урбаната заеднсандраица Панче Пешев во Куманово велат дека постојано се соочуваат со секојдневното палење отпад, смет, шут, гуми на потегот над нивната урбана заедница од Спомен-костурницата сè до влезот на населбата Перо Чичо.

Ана Антевска / Фото: Локал Актив

„Не можеме да отвориме прозорци, да проветриме. Секојдневно се пали различен отпад, обично попладне. Повозрасните соседи пријавуваат, реакции од институциите нема, освен од противпожарната единица што го гасне пожарот за да не се прошири“, вели младата кумановка Ана Антевска.

Жителите од овој дел на Куманово постојано се жалат на чад и оган што го предизвикуваат несовесни граѓани. Велат дека постојано дишат загаден воздух, немаат можност да отворат прозорци, не можат да излезат и да се дружат во населбата.

Тие укажуваат дека несовесното однесување го отежнува нормалното живеење во урбаната заедница. Кумановецот Кристијан Тодевски вели дека е штета што не може да излезе и да ужива во и онака малкуте зелени површини што ги има на булеварот „Октомвриска револуција“.

„Мислам дека е важно институциите навреме да реагираат, важно е да има служба што веднаш ќе реагира, не само екипа од противпожарна единица, туку и од други институции“, вели Тодевски.

Кристијан Тодевски / Фото: Локал Актив

Пожарникарите од Куманово лани 48 пати гаснеле пожари

Од Територијалната противпожарна единица Куманово потврдуваат дека лани во овој дел од градот интервенирале 48 пати. Пожарите претежно се регистрираат во летниот период.

„Годинава, Територијалната противпожарна единица на овие места има интервенирано околу 30 пати, што е за некаде помеѓу 10 и 15 интервенции помалку од минатата година. Но, за да можеме точно да ги споредиме бројките, ќе почекаме да заврши 2026 година“, вели командирот на ТППЕ Куманово Борис Станковски.

Најкритични биле месеците јули, август и септември. Пожарникарите гаснеле запалена сува трева и отпадни материи. СВР Куманово од април до септември годинава поднесол четири кривични пријави за предизвикување општа опасност, односно палење оган на отворено, колку што биле поднесени и минатата 2025 година.

Во првата половина од 2026 година комуналните инспектори од Општина Куманово извршиле 270 надзори, од кои 151 редовни инспекциски надзори, 103 вонредни инспекциски надзори и 16 контролни инспекциски надзори. Урбаната единица е густо населена со комплекси згради, со голем број младо население и деца. Лани, дел од жителите протестираа против палењето отпад. Делумно реагираше Општина Куманово, која донесе сет мерки, меѓу кои редарска служба што неколку недели патролираше на овој потег. Општинскиот кризен штаб донесе повеќе мерки, какви што се патроли на комунална инспекција, интензивно чистење на „дивите“ депонии, поставување големи садови за смет. Мерките се почитуваа извесен период, по што од непознати причини замреа.

„Во периодот мај и јуни годинава, претставници на Секторот за инспекциски надзор и претставници на СВР Куманово беа присутни на посочените локации, идентификувани како критични точки на кои од страна на нашите сограѓани се постапува спротивно на Законот за јавна чистота и Одлуката за комунален ред на Општина Куманово. На локациите се фатени на самото место шест сторители, на кои им се изречени казни во вкупна вредност од 240 евра“, изјави раководителот на Секторот за инспекциски надзор при Општина Куманово, Бобан Бојковски.

Граѓаните не пријавуваат, туку споделуваат видеа

Од друга страна, жителите на населбите Средорек и Бавчи велат дека немаат доволно големи садови за смет и дека постојните нередовно се празнат. Ребека Хусеиновска се пожали дека две недели екипите на комуналното претпријатие не го собрале сметот.

„Нема место веќе каде да се фрла отпадот. Мислам дека моите соседи го палат ѓубрето зашто нема каде да го остават“, вели Хусеиновска.

Средорек е една од најстарите населби од градот и е прилично урбанизирана, со тесни улички и изградена инфраструктура.

Жител на блиската населба Бавчи рече дека во населбата се потребни двојно повеќе контејнери од тоа што сега го има.

„Само на тој начин и со редовно собирање смет, барем двапати неделно, ќе се реши проблемот со палење отпад“, вели тој.

Населбата Бавчи е дивоизградена и во неа живее претежно сиромашно население. Во оваа населба постојано се создаваат диви депонии, се носи смет од речиси целиот град, особено текстил, измешан со комунален отпад. Од Секторот за инспекциски надзор истакнуваат дека од граѓаните немаат ниту една службена пријава за палење отпад. Кумановци претпочитаат да објавуваат слики и видеозаписи на социјални мрежи, а не поднесуваат службено барање до Секторот за инспекциски надзор.

„Најчесто на социјалните мрежи се постираат слики или видеозаписи од запален отпад или друг материјал, но бидејќи нема идентификуван сторител, не сме во можност да изрекуваме глоба. При заедничките патроли што ги правиме со СВР Куманово наидуваме и на проблем што понекогаш како сторител на прекршок на самото место се затекнува малолетно лице, кое не сме во можност да го идентификуваме“, вели Бобан Бојковски од Секторот за инспекциски надзор.

Фото: Локал Актив

Од комуналното претпријатие „Чистота и зеленило“ не негираат дека доцнат со изнесување на сметот поради проблем со дефекти на големите камиони, за чија санација во моментов немаат средства. Оттаму велат дека изнесувањето на сметот доцни насекаде во градот, а не само во Средорек. Покрај комунален отпад, чистат и градежен шут, кабаст отпад, текстил и незначителен дел на комунален отпад. Од претпријатието потврдуваат дека немаат садови за смет, бидејќи нема станбени згради, туку станува збор за куќи што самите си поставуваат садови за смет.

„Најголемата и најчесто чистена дива депонија е онаа на влезот од населбата Перо Чичо, кон самата пруга и на самата пруга, којашто е воедно и најтешка за чистење и расчистување. Овие диви депонии не се предвидени по динамичен план за наше редовно собирање, туку постапуваме по налог од Општината или од комуналните инспекции. Нивното чистење во просек го извршуваме три-четири пати годишно, по налог на Општината, во координација со комуналната инспекција“, изјави директорот на „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ.

Чистењето на депониите не е доволно

Стручната јавност смета дека чистењето на депониите само по себе не е доволно. Од Центарот за климатски промени велат дека недостигот од соодветна инфраструктура може директно да придонесе за создавање диви депонии, особено кога станува збор за кабаст отпад, градежен шут и други материјали што не можат да се одложат во обичните комунални контејнери.

Фото: Локал Актив
Фото: Локал Актив

„Кога граѓаните немаат достапни собирни места, организирано преземање или јасни информации за законското постапување, се зголемува ризикот од неправилно одлагање. Сепак, недостигот од инфраструктура не го оправдува незаконското одлагање. Решението мора да ги комбинира достапните услуги, информирањето на граѓаните и доследната примена на законските мерки. Светската здравствена организација исто така го истакнува проширувањето на достапните услуги за собирање отпад како важен дел од спречувањето на неконтролираното одлагање и горење“, изјави за „Локал Актив“ претставник од Центарот за климатски промени.

И професорката Афродита Зенделска од Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип вели дека чистењето на дивите депонии не е доволно за долгорочна заштита на животната средина.

„Дополнителен проблем претставува создавањето исцедок од депонираниот отпад. При навлегување на атмосферските води низ наслагите од отпад се создава загадена течност, која може да содржи растворени органски материи, амониум, соли, метали и други загадувачки супстанции. Доколку исцедокот не се собира и не се третира соодветно, може да навлезе во почвата, да ги загади подземните води или преку површинско истекување да достигне до околните водотеци. На овој начин, неконтролираното одлагање отпад претставува истовремен ризик за квалитетот на воздухот, почвата, површинските и подземните води“, вели Зенделска.

Афродита Зенделска, професорка од Факултетот за природни и технички науки при УГД - Штип / Фото: Локал Актив

Канцерогени честички и токсини што му прават штета на целото тело

Центарот за климатски промени потврдува дека континуираното горење отпад на отворено е сериозен ризик за животната средина и јавното здравје, особено кога се случува во близина на станбени населби.

„При неконтролирано согорување мешан отпад се ослободуваат ситни суспендирани честички (PM2.5 и PM10), јаглерод моноксид и различни токсични соединенија, а во зависност од составот на отпадот и од условите на согорување, може да се создаваат и диоксини и фурани. Особено загрижувачко е што ваквото горење се одвива без системи за контрола на емисиите. Изложеноста на чадот може да предизвика иритација на дишните патишта и да ги влоши постојните респираторни и кардиоваскуларни заболувања. Затоа, проблемот не треба да се третира само како комунален прекршок, туку и како прашање на заштита на здравјето на населението“, велат од Центарот за климатски промени.

„Најчесто на социјалните мрежи се постираат слики или видеозаписи од запален отпад или друг материјал, но бидејќи нема идентификуван сторител, не сме во можност да изрекуваме глоба. При заеднички патроли што ги правиме со СВР Куманово наидуваме и на проблем што понекогаш како сторител на прекршок на самото место се затекнува малолетно лице, кое не сме во можност да го идентификуваме“

И лекарите се согласуваат дека чадот од запалените депонии влијае врз општата здравствена состојба на граѓаните.

„Чадот содржи ситни честички, особено PM2.5 и различни гасови и хемиски соединенија што со вдишување можат да навлезат длабоко во дишните патишта и белите дробови. Краткорочно, може да предизвика иритација и воспаление на дишните патишта, кашлица, отежнато дишење и свирење во градите. При долготрајна изложеност може да придонесе за зголемен ризик од различни хронични болести не само на дишните органи, но и до болести на срцето и на крвните садови“, вели интернистката д-р Нора Господинова Николовска од Општата болница во Куманово.

Граѓаните се жалат дека чадот од отпад ги „гребе“ во грлото. Докторката појаснува дека со текот на времето, белите дробови ја губат својата еластичност, заштитната функција и способноста да се чистат.

„Така се отвора пат за канцерогени честички и токсини, кои влегуваат и во крвта, правејќи му штета на целото тело вклучувајќи го и срцето“, вели таа.

Палењето отпад се смета за значаен извор на загадување на воздухот во Куманово. „Од регистрираните смртни случаи поради рак на белите дробови во Општина Куманово, 6 од вкупно 49 случаи годишно можат да се припишат на тековната изложеност на загаден воздух со РМ2.5, што претставува 19,1 % од вкупната смртност поради овој тип рак“, се наведува во студијата за пропорционирање на изворите на загадување наведена во документот „План за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух за Општина Куманово“.

Д-р Нора Господинова Николовска, интернистка од Општата болница во Куманово / Фото: Локал Актив

Авторите на студијата констатираат дека најголемото учество на овој извор на загадување е најизразен во пролетните и во раните летни месеци (мај и јуни), како и во доцна есен и зима. Во овие периоди, релативното месечно учество на горењето отпад во градското загадување достигнува и до 28,9 %.

Намалени прагови на алармирање

Во Општина Куманово, според податоците на Одделението за животна средина, има една мерна станица на соодветното министерство сместена во кругот на општата болница. Раководителката на одделението Александра Георгиевска Протиќ посочува дека во последниве години значително се намалени „надминатите прагови на алармирање“. Таа ги повикува граѓаните да ги следат мерењата на таа мерна станица како и на шесте мерни станици поставени на неколку локации во Куманово.

Од комуналното претпријатие „Чистота и зеленило“ не негираат дека доцнат со изнесување на сметот поради проблем со дефекти на големите камиони, за чија санација во моментов немаат средства. Оттаму велат дека изнесувањето на сметот доцни насекаде во градот, а не само во Средорек.

Општината, како што вели, има стратегија и носи вонредни, краткорочни и долгорочни мерки за намалување на аерозагадувањето, аеросолизација, миење на улиците, воведување бесплатен градски превоз, набавка на висококвалитетни садници и гасификација, за што се предвидени пари од буџетот.

Од годинава Општината дава и субвенции за клима, зголемени се инспекциските надзори на правни субјекти, инсталации и градилишта. Сепак, немаат податоци за конкретно загадување при палење на критичните локации. 

Решение во согласност со европската регулатива

Решение има и во други општини во Македонија, делумно ги применува и Општина Куманово. Меѓу нив се организирано собирање кабаст отпад, поставување посебни контејнери, воспоставување собирни места и засилени инспекциски контроли.

Во Крива Паланка, на пример, во 2025 година беше воведено бесплатно организирано собирање кабаст отпад двапати месечно, со претходно пријавување од граѓаните. Во Прилеп, во мај 2026 година, беше отворено контролирано собирно место за одделно одлагање електронски, текстилен, пластичен, стаклен и хартиен отпад. Во Скопје, пак, граѓаните имаат можност бесплатно да предаваат кабаст отпад во собирниот центар во Карпош.

Во регионот се применуваат различни модели, но важна заедничка насока е воспоставувањето организирани услуги за одделно собирање отпад. Како што нагласуваат од Центарот за климатски промени, во Хрватска граѓаните можат да предадат кабаст отпад во рециклажни дворови, мобилни собирни единици или да користат организирано преземање од комуналните претпријатија. Во Србија постои национална евиденција на диви депонии, со податоци што се користат за следење на проблемот.

„Чадот содржи ситни честички особено PM 2.5 и различни гасови и хемиски соединенија што со вдишување можат да навлезат длабоко во дишните патишта и во белите дробови. Краткорочно, може да предизвика иритација и воспаление на дишните патишта, кашлица, отежнато дишење и свирење во градите. При долготрајна изложеност може да придонесе за зголемен ризик од различни хронични болести не само на дишните органи, но и до болести на срцето и крвните садови“

Европската Унија воспоставува јасна хиерархија во управувањето со отпадот: спречување на создавањето отпад, подготовка за повторна употреба, рециклирање, други форми на искористување и, како последна опција, безбедно отстранување. Преку Рамковната директива за отпад, ЕУ бара управувањето со отпадот да не го загрозува здравјето на луѓето и животната средина. Директивата за кривични дела против животната средина од 2024 година предвидува зајакнување на правната заштита и на санкционирањето на сериозните незаконски активности, вклучително и одредени облици на незаконско постапување со отпад. За Северна Македонија, усогласувањето со европските стандарди значи не само подобрување на законодавството, туку и инвестирање во инфраструктура, инспекциски капацитети и реална примена на прописите.

Додека не се применат овие мерки што треба да се усогласат со европското законодавство, жителите на Куманово ќе мора да ги почитуваат насоките при надминати прагови на алармирање, меѓу кои и затворање прозорци, користење прочистувачи и слично. Општината дотогаш ќе применува краткорочни мерки какви што се чистење на дивите депонии, санкции што засега немаат ефекти, аеросолизација, посебен сообраќаен режим, користење јавен превоз… Жителите на „Октомвриска револуција“ ги очекува „тешка зима“ кога аерозагадувањето поради согорување огревни дрва е навистина високо особено кога се комбинира со палење отпад на отворено.

* Александра Максимовска и Теодора Стоевска се новинарки од Куманово

 

Содржината на оваа објава е единствена одговорност на Институтот РЕСИС и на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, „Цивика мобилитас“ или на организациите што ја спроведуваат.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE