Изобилство извори на Шара, а полошките села немаат вода за пиење

Јавна чешма во Теарце / Фото: Зоран Андонов

Во Долнополошкиот Регион, а особено во општините Теарце и Боговиње, кои се простираат во планинските предели на Шар Планина, дел од селските населби често имаат проблеми со квалитетот на водата за пиење. Ова го потврдуваат податоците од Центарот за јавно здравје од Тетово, од каде што преку анализите што ги спроведуваат, редовно укажуваат на присуство на бактерии во водата за пиење. Заедничко за овие две општини, но и за многу други населени места во регионот, е тоа што управувањето и одржувањето на каптажите на изворите и на локалниот водоводен систем се прави нестручно и нередовно.

Автори: Зоран Андонов* и Мартина Оклевска**

Покрај автобуската постројка на влезот во Теарце е поставена јавна чешма. Вода има, но никој не ја пие. Жителите на Теарце велат дека водата, не само во оваа чешма, туку и во целото село, не е за пиење.

„Ние во Теарце вода за пиење купуваме од продавница. Водата е матна, дури ни е страв и за готвење да ја користиме“, вели Татјана, која се присетува дека во 80-тите години на минатиот век имале големи акции за изградба на водовод во Теарце.

„Жени, мажи, сите копавме за да се направи водовод и да донесеме вода во селото, од горе, од планината, а сега дојдовме до тоа вода за пиење да купуваме од продавница“.

Нејзината сосетка, Уснириза, вели дека секој ден оди во селото Одри за да наполни вода за дома.

„Не чини водата, се загадува од централите. Ние дома не пиеме од водата во Теарце. Некој ја преврива водата и ја пие, јас не“, додава Уснириза.

„Ставете газа на чешмата и пуштете вода, газата сета кал ќе се направи и како да се пие таква вода? Од Општината спијат, ништо не преземаат“, тврди уште една жителка на Теарце.

„Што да ви кажам, јас водата во Теарце не ја пијам, купувам вода од продавница. Додека не беа изградени хидроцентралите, водата за пиење во Теарце беше подобра. Исто така, во лето многу вода се троши за вадење бавчи и ниви, што воопшто не е во ред кога и онака имаме малку вода. Институциите треба да бидат посериозни и треба да има повеќе ред“, вели Садие.

„Несфатливо е да имаш толку изворска вода и да немаш чиста вода за пиење“

Анализите од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) од Тетово покажуваат дека водата за пиење, во поголемиот дел од селата во Општина Теарце, бактериолошки била неисправна во текот на целата година. Поради ова дел од нив купуваат флаширана вода, други ја носат од соседното Одри, а некои велат дека се плашат да ја користат дури и за готвење.

Во меѓувреме, локалното јавно претпријатие соопштува дека водата редовно се хлорира. Но, анализите на ЦЈЗ и понатаму укажуваат на бактериолошка неисправност.

„Овде, во Теарце, има проблем со бактериолошката состојба на водата, но сѐ уште не можеме да пронајдеме од каде доаѓа тоа загадување. Имаме нова секундарна водоводна мрежа. Водата изгледа чисто, но добиваме извештаи дека бактериолошки не е исправна. Имаме и филтер-станица во Теарце. И затоа не знам зошто, кога ги добиваме анализите од Центарот за јавно здравје, стои дека водата не е хлорирана, а ние редовно ставаме хлор во неа. Не знаеме каде е проблемот, дали во хлорот или во нешто друго. Ние редовно го известуваме населението на Теарце дека водата не е за пиење за да не се најдеме во ситуација како она што се случи во Гостивар“, вели Рами Селмани, директор на Јавното комунално претпријатие „Водовод“ Теарце.

Рами Селмани, директор на ЈКП „Водовод“ - Теарце / Фото: Мартина Оклевска

Селмани вели дека летово, по укажување на Агенцијата за храна и ветеринарство, почнале со акција за подобро обезбедување на каптажите од каде што се зема водата, со поставување заштитни огради и табли со известување на населението дека е забранет пристап до извориштата на водата.

„Кога ги добиваме анализите од Центарот за јавно здравје, стои дека водата не е хлорирана, а ние редовно ставаме хлор во неа. Не знаеме каде е проблемот, дали во хлорот или во нешто друго. Ние редовно го известуваме населението на Теарце дека водата не е за пиење за да не се најдеме во ситуација како она што се случи во Гостивар“

Покрај ова, тој вели дека во Теарце при крај е изградбата на нов резервоар за вода, а во Лешок се планира покрај нов резервоар за вода, да се изгради и филтер-станица што ќе биде и за соседното село Слатина, а нов резервоар се планира да се изгради и во Доброште.

Невладината организација ЦЕД од Теарце е една од најактивните во општината. Освен работа со младите, тие активно работат и на зачувување на животната средина.

„Да живееш под Шара, да имаш толку изворска вода и да немаш чиста вода за пиење, е тоа е несфатливо. Ова е првата реченица што секогаш си ја поставуваме кога размислуваме што е проблемот со водата за пиење во нашата општина. Ние како невладина организација и јас, како личност што живее во Теарце, проблемот го гледаме првин во резервоарите каде што се собира водата, кои не се средени како што треба. Тој резервоар, од каде што Теарце се снабдува со вода за пиење, не е доволно заштитен, до него имаат пристап животни што можат да ја загадат водата. Ова е поради недостиг на капацитети на јавното комунално претпријатие што стопанисува со водата. Исто така, кога жителите на некои села самостојно менаџираат со изворите на вода од кои се снабдуваат нивните села, тоа е веќе ризик на своја глава“, вели Метин Муареми од ЦЕД Теарце.

Самостојното управување со селските водоводи носи ризици

Боговиње се наоѓа јужно од Тетово. За разлика од Теарце, состојбата со водата за пиење тука е нешто подобра, но и овде има селски населби што сакаат сами да го одржуваат водоводниот систем, наместо тие услуги да ги добиваат од локалното Јавно комунално претпријатие (ЈКП).

Јавна чешма во центарот на село Боговиње / Фото: Зоран Андонов

„Општина Боговиње има 15 населени места, но само шест од нив добиваат услуга од нашето ЈКП за вода за пиење. Ние направивме барање и овие села, кои сами ја одржуваат водоводната мрежа, да бидат под нас, но таму со нивните водоводи менаџираат луѓе од месните заедници и тие не сакаат да соработуваат со нас. Ова за нас е малку апсурдно, а исто така е апсурдно и тоа што, иако Боговиње е општински центар и тука е седиштето на Јавното комунално претпријатие, водоводот во Боговиње и во Долно Палчиште не е под наша надлежност. Со нив менаџира локалната заедница. Исто така, не менаџираме со неколкуте села од нашата општина што се во повисоките предели на Шар Планина. Таму масните заедници се грижат за локалните водоводи“, вели Алит Абдији, раководител во ЈКП „Шари“ од Боговиње.

Од Општина Боговиње велат дека проблемот со оние населени места што сами стопанисуваат со водоводниот систем и не се под ингеренција на ЈКП, треба да се решава институционално, бидејќи нестручното управување со каптажите, резервоарите и водоводната мрежа и нивната нередовна или никаква дезинфекција, можат да бидат потенцијална опасност жителите на тие села да добиваат неисправна вода за пиење.

Општината во изминатиов период имала повеќе активности околу подобрувањето на водоводниот систем. Па, така, во Пирок има изградено нов водоводен систем со резервоар, Синичане исто така има нов водоводен систем, но тука треба само помала интервенција кај каптажата, а во Камењане има два система, еден стар и еден нов.

Но, и во Боговиње, како општински центар, снабдувањето и одржувањето на водоводниот систем не е во рацете на општинското ЈКП туку на претпријатие што го формирале жителите на селото.

„Во Боговиње ние селаните сами ја донесовме водата со доброволна работа и со финансиски средства на жителите од нашето село. Водоводот го изградивме во 1987 година, па дури еден наш човек го загуби животот при изградбата на водоводот. Тоа беше младиот Али Муниши, кој настрада додека копаше канал за водоводот. Во негова чест и нашето водоводно претпријатие го носи неговото име. Ние не сме под ЈКП Боговиње и мислам дека вака подобро работиме. Редовно вршиме контрола на водата за пиење преку Центарот за јавно здравје од Тетово“, вели Африм Рамадани, управител на водоводното претпријатие „Али Муниши“ од Боговиње.

„Мерењата ги вршиме на 100 мл вода, но ако се утврди дека има и само една колиформна или ешерихија коли бактерија, тогаш водата ја прогласуваме за неисправна. Затоа точното дозирање со хлор и со други соодветни препарати е многу важно за исправноста на водата за пиење, а тоа мора да го прават само стручни и искусни лица, кои по сѐ изгледа сега не постојат во споменатите општини“

Иако Абдији и Рамадани велат дека досега немале поголеми проблеми со квалитетот на водата за пиење, од ЦЈЗ велат дека и тука повремено, особено во летниот период, анализите на водата покажуваат повремена неисправност.

Нестручното хлорирање на водата е најчестиот проблем

Центарот за јавно здравје од Тетово е местото каде што од земените мостри вода се утврдува дали таа е хемиски и бактериолошки исправна за пиење или е загадена.

Д-р Илија Иљоски, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центарот за јавно здравје во Тетово, вели дека предуслов за да пиеме чиста и незагадена вода е редовно и квалитетно одржување на каптажите и на водоводниот систем.

Тој напоменува дека тоа е обврска на јавните комунални претпријатија, а не на месните заедници, што, за жал, е случај во повеќе селски населби во овој регион.

„Ние не можеме да утврдиме од каде доаѓа загадувањето на водата, тоа не е наша надлежност. Ние, преку мострите вода што ги земаме, само утврдуваме дали водата ги задоволува здравствените параметри или не ги задоволува. Ако утврдиме дека земената мостра вода е неисправна за пиење, прво го информираме јавното комунално претпријатие што стопанисува со водоводот, или месната заедница, ако таа се грижи за локалниот водовод. Потоа се информира Центарот за управување во кризи (ЦУК), а по пошта и по електронски пат ја информираме Агенцијата за храна и ветеринарство, која понатаму презема соодветни активности. Агенцијата е таа што треба да преземе иницијативи и акции за надминување на таа состојба и со отпечатени соопштенија да ја информира јавноста од тоа место дека водата не е исправна за пиење и за подготовка на храна“, вели Иљоски.

Д-р Илија Иљоски, Центар за јавно здравје - Тетово

Во ЦЈЗ исто така велат дека секогаш на барање од ЈКП или од месните заедници, им излегуваат во пресрет со совети како да го подобрат квалитетот на водата за пиење.

„Во Боговиње ние селаните сами ја донесовме водата со доброволна работа и со финансиски средства на жителите од нашето село. Водоводот го изградивме во 1987 година, па дури еден наш човек го загуби животот при изградбата на водоводот. Тоа беше младиот Али Муниши, кој настрада додека копаше канал за водоводот. Во негова чест и нашето водоводно претпријатие го носи неговото име. Ние не сме под ЈКП Боговиње и мислам дека вака подобро работиме. Редовно вршиме контрола на водата за пиење преку Центарот за јавно здравје од Тетово“

„Ние, на барање од општинските ЈКП или од месните заедници, можеме да дадеме стручни насоки како да дојде до подобрување на квалитетот на водата, како да се исчистат резервоарите и каптажите од водоводот, како да се направи дезинфекцијата на водата преку хлорната станица и слично. Ова е наша препорака, а дали тоа и ќе го направат, зависи дали имаат доволно средства и дали има доволно иницијатива. Kонтролата дали тоа го направиле, ја врши Агенцијата за храна и ветеринарство од Скопје преку локалните канцеларии“, посочува д-р Иљоски.

Што се однесува до работата на општинските ЈКП за Теарце и за Боговиње, но и за другите ЈКП во регионот, д-р Иљоски вели дека неисправноста на водата за пиење најчесто доаѓа поради нестручното дозирање со хлор со кој се врши дезинфекција на водата.

„Мора да има точен однос на кубатура на влез на вода, односно литража во минута, со ниво на хлорирање. Може да хлорираат, но поради протокот на водата, нивото на загаденост на водата и количината хлор што се става, хлорирањето може да не биде доволно и затоа водата и понатаму покажува неисправност иако, како што велат од општинските ЈКП, редовно ја хлорираат. Затоа мора да постои стручно лице што ја познава оваа проблематика. Мерењата ги вршиме на 100 мл вода, но ако се утврди дека има и само една колиформна или ешерихија коли бактерија, тогаш водата ја прогласуваме за неисправна. Затоа точното дозирање со хлор и со други соодветни препарати е многу важно за исправноста на водата за пиење, а тоа мора да го прават само стручни и искусни лица, кои по сѐ изгледа сега не постојат во споменатите општини“, појаснува д-р Иљоски.  

Лабораторијата за испитување на квалитетот на водата во Центарот за јавно здравје во Тетово / Фото: Мартина Оклевска

Програмските активности на Центарот за јавно здравје за контрола на квалитетот на водата се поделени во квартали, при што се земаат 400 мостри, од исто толку води од 92 населени места колку има во Долнополошкиот Регион. По кризата со водата за пиење во Гостивар, испитувањето на квалитетот на водата во градскиот водовод на Тетово се зголеми од две мостри неделно на десет мостри неделно, односно по две мостри на ден од понеделник до петок.

АХВ изрече забрани за употреба на водата во пет села

„Локал Актив“ побара информации од Агенцијата за храна и ветеринарство во однос на изречените забрани за употреба на водата за пиење од страна на нивните инспекциски служби во изминативе три месеци.

„Општина Боговиње има 15 населени места, но само шест од нив добиваат услуга од нашето ЈКП за вода за пиење. Ние направивме барање и овие села, кои сами ја одржуваат водоводната мрежа, да бидат под нас, но таму со нивните водоводи менаџираат луѓе од месните заедници и тие не сакаат да соработуваат со нас. Ова за нас е малку апсурдно“

„Државен инспектор за храна од подрачна единица на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) од Тетово, врз основа на добиени резултати од Центарот на јавно здравје – Тетово за анализирани примероци вода од водоводната мрежа во Општина Теарце, поради утврдено зголемено присуство на бактерии, годинава во неколку наврати ја забрани за пиење водата во селата Варвара, Лешок и Доброште, во Општина Теарце. Решението за забрана за употреба на водата за пиење во селата Варвара и Лешок е донесена на 13.8.2026 година врз основа на анализирани примероци од три мерни места, а на 29.9.2026 година повторно е изречена забрана за употреба на водата во село Лешок. На 7.10.2026 година е донесено и Решение за забрана за пиење на водата од водоводната мрежа во село Доброште каде што во резервоарот за хлорирање е утврдено дека водата не е безбедна за пиење поради зголемено присуство на колиформни бактерии и ешерихија коли. Во почетокот на септември се издадени решенија за забрана за пиење на водата од водоводната мрежа во селата Синичане и Камењане во Општина Боговиње, каде што исто така по извршените лабораториски тестирања, било утврдено дека водата за пиење не одговара на одредбите од Законот за безбедност на храната и Правилникот за безбедност и квалитет на водата за пиење“, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Познато е дека Шар Планина е една од најбогатите планини во Македонија со изворска вода. Има 39 глацијални езера, неколку исклучително големи извори на пивка вода (Драга Вода, Големи и Вакуфски Извори) и уште многу помали извори. Но поради човечка негрижа, голем дел од населението што живее во повисоките делови на планината и во 21 век сè уште користи неисправна вода за пиење.

* Зоран Андонов е новинар

** Мартина Оклевска е активистка во организацијата „Брајт“

Содржината на оваа објава е единствена одговорност на Институтот РЕСИС и на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, „Цивика мобилитас“ или на организациите што ја спроведуваат.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE