Еко-активистите ја посочуваат државата како главен виновник за еколошката катастрофа со излевањето на цијанид и тешки метали во Тораничка и Крива Река. Според Костадин Ристоманов од здружението Еко долина, еко-катастрофата беше очекувана.
„Ако државата ти дозволи да ги искористуваш нејзините ресури и за тоа ти бара надомест од само 2, а сега 3% од вкупниот приход, тогаш тоа е јасна порака за компаниите дека можат слободно да се богатат и да прават што сакаат“, додава Ристоманов.
За него е проблематично тоа што рудниците што функционираат не се доволно мониторирани, а доколку се случат пропусти казните се многу мали, незначителни во однос на приходите што ги остваруваат.
„Што се двесте илјади евра на она што е заработка на тој рудник?! Тоа е како некој да има плата од 40 илјади денари и направи некој голем прекршок вие го казнувате со двесте денари. Не само што ќе ја плати казната, туку и ќе сака да почасти“, саркастичен е овој активист кој веќе осум години со своите соборци се труди да спречи отворање на рудник во неговата општина, Ново Село.
Рудникот Иловица-Штука кој требаше да се отвори од концесионерот Еуромакс и од него да се експлоатираат злато и бакар е рака рана на двете општини Босилово и Ново Село на чии територии се протега. Активистите со години се борат тој да не се отвори и предупредуваат какви последици ќе има доколку на толку мала површина во Струмичка котлина, која е еден од најголемите производители на храна во земјава, се отвори рудник кој спаѓа во тешка Г1 загадувачка индустрија. Затоа во овие општини се организираа и локални референдуми. Цензусот не беше исполнет, поради силни политички притисоци, но и поради голем број иселени жители од овие општини, но од оние кои излегоа на референдумот над 90% гласаа против отворање на рудникот.
За да ги одоброволи мештаните, раководството на Еуромакс се откажа од употреба на цијанид во процесот на обработка на рудата, но тоа не ги смири активистите кои не сакаат воопшто да има рудник во нивна близина.
Собранието пред неколку години донее измени во Законот за минерални суровини и забрани употреба на цијанид во рудниците што допрва ќе се отвораат во земјава. За зелените движења Македонија е мала по површина и нема простор ниту за посточеките, ниту за нови рудници.
С.М.


