Системот не ги препознава жртвите на демнење и семејно насилство

Авторки: Сузана Мицева* и Викторија Димитрова**

Почнало со вербални напади – за Локал Актив сведочи сега веќе средовечна Струмичанка, која и една и пол деценија по настаните, не се чувствува безбедно да го открие својот идентитет. Потоа, нејзиниот тогашен сопруг, почнал да ја следи, обидувајќи се да воспостави целосна контрола врз нејзиното движење, како што вели.

Ја чекал пред работа во времето кога вообичаено завршувало нејзиното работно време, се појавувал ненајавен додека таа била со свои пријателки или родителите, ја пречекувал дома со насилни испади и навреди. Ова траело цела деценија, на очиглед на нивните тогаш малолетни деца, кај кои почнале да се појавуваат психички проблеми.

Сведочи дека ѝ било исклучително тешко, пред институциите да го објасни својот случај. Кога се обидувала да пријави во полиција, „дежурниот“ полицаец ѝ велел дека треба да размисли и дека „за еден шамар семејство не се растурало“. Во Центарот за социјални работи, пак,  не можела да докаже дека е жртва на насилство и демнење, бидејќи сметале дека сопругот со кој живее не можел да ја демне.

Комерцијална фотографија

Потоа почнале физичките напади, поради кои жената се охрабрила да направи нешто да се заштити себе си и децата и покрај ризикот во кој гледала дека влегува. Поднела барање за развод и се отселила од домот, во кој живеело и семејството на нејзиниот сопруг.      

Ситуацијата станала уште посериозна во моментот кога го напуштила. Како што вели, ја следел постојано, не обидувајќи се да се сокрие. Пријавите во полиција биле попусти бидејќи оттаму добивала образложение дека нема основа за институционална реакција поради тоа што нејзиниот поранешен сопруг стоел на извесно растојание.

Но, неколку месеци подоцна почнал да ѝ приоѓа, влечејќи ја насилно на јавни места и упаѓајќи во нејзиниот дом. Во неколку наврати бил приведен, но, неговото поведение продолжило во следните неколку години. Институциите тогаш не преземале речиси никакви мерки, а нападите престанале кога нејзините синови пораснале и му се спротивставиле.

Овој случај е веќе стар и може да помислиме дека начинот на кој реагираат институциите денес е видливо изменет. Но дали е тоа така?

Кога демнењето завршува со убиство

Случајот со 46-годишната Танкица Младеновска од Кочани, која на 25 септември 2023 г. беше убиена пред својот дом од нејзиниот поранешен партер, укажува на систематски пропусти на институционалниот систем, кој не успева да ги препознае очигледните симптоми на насилство и случаите со потенцијално фатален исход. 

Овој конкретен случај открива дека жената била цел на напади долго време и дека на убиството му претходеле повеќе години закани, изнуди и уцени. Танкица имала сериозен страв од нејзиниот убиец, кој ја демнел со години уште додека биле колеги на работа. Во овој случај, тоа што оваа жртва, пред да се случи убиството, барала поддршка и заштита од институциите, не ѝ помогнало да се извлече од опасноста.

Институциите не успеаја да го спречат и последователното самоубиство на убиецот, кој не чекајќи ја правосилната пресуда на Апелацискиот суд по неговата жалба за пресудата „доживотен затвор за убиство на свиреп начин“, се обеси во својата ќелија.

Во исто време, во Основниот суд во Кочани во тек беше и постапка против него за кривичното дело „уцена“, за изнудување пари од Танкица со користење на  компромитирачки фотографии. За ова судење, Претседателката на Основиот суд-Кочани, Сузана Милева, вели дека пресудата нема јавно да биде објавена, а целата постапка е запрена, бидејќи и жртвата и обвинетиот се починати.

Со измените на Кривичниот законик на почетокот на 2023 година, демнењето стана кривично дело, за што е предвидена максимална казна затвор до три години. Со внесувањето на ова дело како кривична материја, државата ги имплементира деловите од Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, позната како Истанбулската конвенција (ИК). Овој документ го дефинира демнењето ,,како секое намерно однесување на повторно заканување насочено кон друго лице што предизвикува лицето да се плаши за својата безбедност- чл.34 ИК. Според Конвенцијата, на делото му претходи умисла од демначот и жртвата трпи постојани закани од друго лице, предизвикувајќи страв за својата безбедност и истото треба да се казни.

Фотографијата е преземена од direkten.mk

Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип – Одделение за внатрешни работи (ОВР) Кочани,  делото го оквалификувал како уцена и не е направена проценка за ризик по животот на Танкица. Основното јавно обвинителство од Кочани непосредно по убиството за Бирн изјави дека ниту еден од доказите не упатувало дека станува збор за опасност по нејзиниот живот. Еден од начините како можело да се превенира е случајот да бил квалификуван како семејно насилство од поранешен партнер и да се процени дека следењето и демнењето можат да бидат сериозна закана по здравјето и безбедноста на Танкица.

Според Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, жртвата може да поднесе пријава за семејно насилство во полиција, а СВР Штип ОВР Кочани по службена должност во рок од 12 часа да го извести Центарот за социјални работи од Кочани. Доколку проценката вклучила и закана по здравјето и безбедноста, Центарот за социјални работи требало да ја смести во Шелтер центар. Оттаму, полицијата требало во рок од 12 часа да го извести и надлежниот јавен обвинител.

Според истиот закон во Член 50 се предвидува проценка на ризик на жртвата. Полицискиот службеник е должен да процени ризик од сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членови на нејзино семејство, проценка на ризик од повторување на насилството со цел управување со ризикот и обезбедување мерки за координирана помош и заштита на жртвата.

Со согласност на жртвата, Центарот за социјални работи може да поднесе до судот предлог за изрекување привремени мерки за заштита на жртвата. Кон предлогот Центарот треба да достави и наод и мислење од стручен тим. Привремената мерка за заштита предвидува забрана на сторителот да се заканува дека ќе стори насилство; забрана за комуникација, но и забрана за приближување на растојание помало од 100 метра до живеалиштето, работното место или друго место кое редовно го посетува жртвата. Привремените мерки за заштита траат најмалку три месеца, а најмногу една година. Доколку насилството продолжи, судот или жртвата  може да побара продолжување на мерките. Судот по поднесениот предлог за изрекување мерки за привремена заштита од жртвата или Центарот за социјални работи треба да постапува веднаш или најмногу за седум дена.

Демнење
Член 144-а
(1) Тој што истрајно неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друг, или со него воспоставува или настојува да воспостави од него несакан контакт со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на користење на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање или други средства за комуникација, или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува и со тоа ќе предизвика чувство на несигурност, вознемиреност или страв за неговата сигурност или сигурноста на нему блиско лице, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
(2)Ако делото од ставот (1) на овој член е сторено спрема лице со кое сторителот е или бил во интимна врска или спрема дете ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

Социјалните мрежи го засилуваат проблемот со демнењето

Државниот завод за статистика минатата година ги објави тригодишните анализи на бројот на жртви на кривични дела поврзани со семејно насилство. Според податоците, во 2020 година имало  839 жени-жртви на семејно насилство, во 2021-889 и во 2022 се регистрирани 942 жени жртви на семејно насилство.

Случаите документирани и процесирани од Министерството за внатрешни работи покажуваат зачестено демнење на социјалните мрежи, кои неретко се испреплетени со демнење, уцена и изнуда.

Дека интернет насилството е широко распространето потенцираат и од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство – составена од 20 невладини организации кои работат на спречување на насилството против жените и семејното насилство. Тие ги споделуваат истражувањата на други граѓански организации според кои речиси половина од жените кои биле опфатени, 47% изјавиле дека добиле порака со вулгарна содржина на социјалните мрежи, а 26% добиле фотографии од гениталиите на испраќачот.

Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА како специфично го определува родово базираното насилство извршено со злоупотреба на технологијата. При тоа, во „Поимникот родово базираното насилство извршено со злоупотреба на технологијата’ споделува податок дека на светско ниво,  58% од девојките и жените доживеале некаква форма на родово базирано насилство во дигиталното опкружување, а во повеќето случаи тоа им се случило на возраст меѓу четиринаесет и шеснаесет години, при што речиси половина од нив (47%) наишле на закани со физичко и сексуално насилство.

Комерцијална фотографија

„Истражувањата исто така покажуваат дека 45% од жените кои доживеале насилство од интимен партнер биле исто така злоставувани и со посредство на технологија, при што кај 48% од нив родовото насилство со (зло)употреба на технологијата продолжило и по завршувањето на врската“, пишува во Поимникот.

На 24-ти април годинава, Европскиот Парламент ги одобри првите правила на ЕУ за борба против насилството врз жените. Директивата повикува на посилни закони против сајбер насилството, посебни упатства за делата извршени на интернет, додека властите имаат зголемени обврски за известување и подигнување на јавната свест.

Психологот Стојне Митева од здружението Скај плус од Струмица, чиј фокус на работа е поддршка на жртви на семејно насилство, вели дека демнењето е особено присутно на социјалните мрежи. Развојот на технологијата создава нови начини на малтретирање на жртвите, но и лесна и брза дистрибуција на компромитирачки материјал со кој се нанесува трајна штета на нивната личност и интегритет.

„Со еден клик може да се рашират интимни фотографии или видеа до безброј корисници на социјалните мрежи, или на интернет. Тоа е сива и многу опасна зона кога се во прашање жените-жртви на семејно насилство и демнење. И иако за неколку години можеби средината нема да се сеќава на тој инцидент, тоа длабоко ги погодува жртвите, особено стравот дека повторно може да бидат споделувани“, вели Митева.

На македонската јавност ѝ е добро познат случајот „Јавна соба“, каде во групи се споделуваа компромитирачки фотографии и видеа од девојки и жени. Некои тоа го правеле од одмазда кон поранешните партнерки, а други-од забава. Случајот заврши на суд, но штетата на жените и девојките никој не им ја надомести.

Според истражителите, еден од клучните моменти во целата истрага е обезбедувањето на дигитални докази. На неодамнешната Конференција во Сараево, во организација на Совет на Европа, на која фокус беше (зло)употребата на новите технологии во трговија со луѓе, Ѓорги Кочовски од Одделот за компјутерски криминал при МВР велат дека нивните експерти употребуваат софтвери кои следат клучни зборови, а алгоритмите препознаваат и фотографии со експлицитна содржина што може да биде еден од начините да се пресретне ширењето на вакви материјали кои се употребуваат за закана, уцена и контрола на жртвите на демнење. Сепак, тие ја потенцираат соработката и со другите надлежни институции, како и приватните компании-интернет и мобилни провајдери за да се добијат потребните информации за понатамошна истрага.

Фотографијата е преземена од ТВ Телма

Од Одделот за компјутерски криминал велат дека овие случаи понекогаш е тешко да се решат бидејќи како докази се поднесуваат скриншотови од комуникации, а тие тешко се прифаќаат од судот како релевантни докази. Прифаќањето на овие докази е спорно бидејќи „скриншот“ фотографиите не содржат податоци за моментот на правење на фотографијата, или видеото, локацијата и слично, а честопати тие може да се направени и со помош на компјутерска технологија или ВИ.

Кочани рекордер по број на пријави за демнење

Во штипскиот Апелациски суд во процедура е жалбената постапка по првиот случај на демнење. Сторителот, е осуден на 11 месеци затвор од Основниот суд Штип за кривичното дело „демнење“. Во друг случај изминатите месеци демнач е осуден и во Виница. Демнењето го сметал за начин да ја врати својата поранешна партнерка, засилено со закани дека ќе објави компромитирачки пораки и видеа од неа. Ја вознемирувал и на работа, а еднаш и физички ја нападнал кршејќи ѝ го мобилниот телефон. Добил само условна осуда од Основниот суд во Виница во времетраење од три месеци.

Според податоците на Секторот за внатрешни работи-Штип, рекордер по бројот на пријавени случаи на демнење е Кочани. Од страната на ОВР-Кочани поднесени се пет кривични пријава за сторени шест кривични дела демнење против шест сторители  од машки пол од кои еден повторник. Сите тие кривичното дело  го извршиле со физичко следење, при што како жртви се евидентирани еден маж и четири жени.

„Од страна на СВР Штип исто така поднесена е една кривична пријава против НН сторител за сторено едно кривично дело Демнење спрема лице од женски пол кој физички го сторил кривичното дело“, се вели во информацијата на СВР-Штип за Локал Актив.

Вакви пријави има речиси во сите градови од регионот. Подеднакво се присутни и физичкото демнење и тоа во интернет просторот. Тројца мажи демнеле жени – двајца физички ги следеле, додека едно демнење е извршено преку интернет.

ОВР-Делчево има поднесено три кривични пријави за делото демнење. По една кривична пријава имаат регистрирано ОВР Берово, Виница и Свети Николе.

Вакви случаи се евидентирани и во градовите во Југоистокот. СВР- Струмица информира дека за година и половина има поднесено 11 пријави за демнење во Струмица, два случаи се од Радовиш и еден во Гевгелија. 

Демнењето често е поврзано со семејното насилство

Жената од Струмица со која разговараше Локал Актив, којашто со години била демнета од поранешниот сопруг не е изолиран случај. Од Центарот за згрижување жртви на семејно насилство што го раководи здружението Скај плус од Струмица, велат дека демнењето е честопати поврзано со семејното насилство.

Сепак, мал број од жртвите кои се сместени во Центарот биле демнети. Причината е што најголемиот број од овие жени живееле со насилниците до моментот на заминување во заштитеното место. Иако речиси секој случај на насилство со кој се соочиле покажувал знаци на целосна контрола и доминација врз животот на жртвата, само неколку од жените-жртви, кои изминатите пет години поминале одредено време во Центарот биле и жртви на демнење. Некои, пак, не успеале да го увидат демнењето. Го заменувале со грижа, посесивност, не и како опасно однесување кое целосно им ја нарушува слободата на движење.

Државниот завод за статистика минатата година ги објави тригодишните анализи на бројот на жртви на кривични дела поврзани со семејно насилство. Според податоците, во 2020 година имало 839 жени-жртви на семејно насилство, во 2021-889 и во 2022 се регистрирани 942 жени жртви на семејно насилство.

„Жените кои доаѓаат кај нас се во животно-загрозувачка ситуација, трпат сериозно физичко или друг вид насилство и најчесто живеат со насилникот, па нужно е итно да се сместат на безбедна и тајна локација“, вели Стојне Митева, психолог и претседател на Скај плус. „Сме препознавале знаци на демнење во случаите што ги имаме овие пет години, но, самите жртви не ги издвоиле, туку стручниот тим ги детектирал во разговорот со нив. Жените најчесто се навикнати и помирени со таквото однесување, со целосната доминација врз нивната личност. Сѐ додека животот не им бил загрозен, не се обиделе да пријават во институциите“.

Таа вели дека може да издвои неколку случаи со елементи на демнење, но најлесно се забележува кај разделени партнери.

„Пред десетина години работев на случај на жена-жртва на психичко насилство од сопругот. Откако таа со малолетните деца го напушти, тој почна да ја демне. Жената се исели од градот во кој живееше, но тој дозна каде се сместени, тропаше по вратата на нивниот дом, ја следеше на работа, ѝ се јавуваше, а подоцна почна телефонски да ги вознемирува и сите колеги од нејзиното работно место. Во една прилика се обиде и да ја прегази со автомобилот. За среќа, во тој случај институциите реагираа и тој беше затворен“, вели Митева.     

Истанбулската конвенција, чиј потписник е Македонија, бара од властите да итна реакција во вакви случаи, односно веднаш штом дојдат до сознание во врска со случај. Од истражните органи се очекува да реагираат со посебна внимателност при спроведување на истрагата.

Особена будност од институциите треба да имаат кон демначите, кои пак, имаат некаква рутина и предвидливост во однесувањето. Психо – терапевтот Билјана Мицева потенцира дека како што минува времето постапките на демначот стануваат сѐ поопасни, минувајќи кон сексуални и насилни кривични дела.

Комерцијална фотографија

„Крајната цел е контрола над животот на жртвата. Затоа кај жените и девојките е основан стравот за сопствениот живот или за нивните најблиски. Има случаи на демнење, во кои жртвата и демначот не се познаваат, но, најголемиот број случаи се кога биле во блиски односи, особено каде имало и семејно насилство“, вели Мицева.

Последните истражувања на Здружението ЕХО од Штип покажуваат дека насилството врз жените е зголемено во изминатите две години. Бети Пеева од ЕХО посочи дека од 2021 до 2023 година за 176 насто е зголемено насилството врз жените и девојките и семејното насилство.

„Што значи дека минатата година имавме пријавено 288 случаи на насилство врз жени и девојчиња и семејно насилство. Оваа бројка е со тенденција да расте се повеќе, затоа што забележавме дека всушност се зголемува и економската зависност на жените што допринесува, тие и да не пријавуваат“, меѓутоа и откако ќе пријават да се предомислат, вели Пеева.

Случајот со двојното убиство во Кратово, каде жената – жртва стана насилник говори дека на жените кои пријавуваат насилство потребна им е поголема поддршка од страна на институциите. На 13 јуни 37-годишна жена од Кратово ги уби сопругот и свекорот, по години семејно насилство врз неа и нејзините деца. Платформата за родова еднаквост побара правосудните органи „особено да ги има предвид историјата на насилството и малтретирање врз жртвата и да се земе предвид дека и децата биле жртви на семејно насилство, како и институционалниот пропуст да ја заштитат жртвата, оставајќи ја сама да се брани“.


* Сузана Мицева, граѓанска активистка и новинарка.

** Викторија Димитрова, новинарка.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE