Јулското невреме во Гевгелија предизвика штети од близу 630.000 евра

Силното невреме со дожд и град на 2 јули годинава, предизвика штети на 69.554 хектари во Гевгелија, Милетково, Миравци, Габрово и Петрово во проценета вредност од 38.544.970 денари.

Како што соопшти Општина Гевгелија, штети пријавиле 84 физички и правни лица, од кои 84 индивидуални земјоделци и 4 правни лица.

„Оштетувањата се движат од 30 до 100%, а најголеми штети им се предизвикани на лозовите насади. Советот на Општина Гевгелија, по усвојувањето на Елаборатот, заклучи тој да се достави до Републичката комисија за процена и утврдување на штети од елементарни непогоди, до Владата и до Министерствата за финансии и за земјоделство, шумарство и водостопанство“, информираа од Општината.

Јулското невреме беше второто големо невреме што го зафати гевгелискиот регион. Како што веќе информираше Локал Актив, на 11 март годинава, гевгелискиот регион беше зафатен од силно невреме проследено со дожд и град.

Граѓаните сведочеа на град со големина на орев, кој ги покоси овошките, посевите и зеленчукот по нивите, додека улиците беа целосно побелени.

До Комисијата за проценка на штети беа доставени 55 пријави од кои 49 пријави од граѓани и шест пријави од правни лица. Општинската комисија проценила дека штетата изнесува 29 милиони денари.

В.К.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE