Последнава година, за 20% се зголемени претставките на граѓаните до канцеларијата на Народниот правобранител во Струмица. Годишниот извештај на струмичката канцеларија на Народниот правобранител за 2024 година, покажа дека е зголемен интересот на граѓаните да добијат правна помош и совети. Пораснал и бројот на телефонските јавувања, преку кои граѓаните се информираат за своите права и начинот на кој можат да ги заштитат.
Иако жалбите покриваат различни области, Славчо Тимов од канцеларијата на Народниот правобранител во Струмица рече дека најголем број од нив се однесуваат на повреда на правата на граѓаните во правосудството. Ова продолжува да биде доминантен проблем, како и во претходните години.
„Граѓаните најмногу се жалат на одолговлекување на постапките пред Управниот суд и сега во поново време имаме претставки за одолговлекување на жалбените постапки пред Апелацискиот суд. Од надлежните добивам одговор дека тоа е поради недоволниот број на судии – судовите не можат да се справат со заостанатиот број предмети“, вели Тимов.
Минатата година, струмичани освен на проблемите со правосудството, се жалеле на повреда на потрошувачките права. При тоа, најчесто се работи за случаи со застарени долгови за кои не постои правосилна пресуда.
„Тоа се предмети по барање на граѓани од 2000 до 2002 година за кои постапките сѐ уште траат, иако се поминати повеќе 20 години. Како изговор за нерешавање на предметите се наведува менувањето на членовите на Комисијата за денационализација и дека предметите не се доволно документирани, а имаше и случај на изгубен предмет. Во секој случај, тоа не е оправдување бидејќи граѓаните сакаат да добијат правда. Задоцнета правда некогаш е неправда“, вели Тимов.
До канцеларијата на Народниот правобранител, која го покрива целиот Југоисточен регион и Неготино, претставки имало и од областа на социјалната заштита, но и предмети поврзани со денационализацијата.
За време на минатата година, заменикот на народниот правобранител покренал неколку постапки по сопствена иницијатива. Во овие случаи голем дел од предметите биле поврзани со проблемите со нарушената животна средина. Тимов објасни:
„Институцијата има право да иницира постапки по сопствена иницијатива за проблемите на граѓаните. Јас го користев тоа право, а претставките се однесуваа на загадениот воздух, здравата вода за пиење, јонизирачкото зрачење од мобилни оператори, и постапката за издавање патни исправи. Проблемот со личните документи беше што базната станица во Ново Село не работеше, а мобилната екипа не можеше да ги фотографира болните и немоќни лица. За овој проблем, изготвив посебен извештај до министерот за внатрешни работи, по што базната станица беше ставена во функција за седум дена и мобилната екипа излезе на терен, што го забрза процесот“.
З.Ѓ.


