Изминатиот викенд на патеката „Курија“, во близина на Негорски Бањи, по трети пат се одржа натпреварот „Гевгелиски велотон“, натпревар во три дисциплини – возење со велосипед по off road патека, трчање и совладување препреки. На овој натпревар кој собра 47 вљубеници во спортот од целата држава, апсолутен победник е професорот по спорт, Влатко Семенаков, кој освои две први места во генерален пласман и со постигнато најдобро време во совладување препреки и трчање.
Семенаков патеката долга 5.800 метри ја помина за 19:10 минути. Втор на целта пристигна Оливер Цекрлиќ. Најдобрите добија плакети за постигнатите успеси и награден фонд.
„Гевгелиски велотлон“ е адреналински натпревар и единствен од ваков вид, во организација на АМД „Дичо Панов“ од Гевгелија и ентузијастите од Здружението на граѓани „Гевгелија Точак клуб“. Натпреварот, кој започна како дел од активностите на европскиот проект „Гевгелија Вело град“, продолжува со поддршка на Oпштина Гевгелија.
Ова е дел од напорите за промоција на велосипедизмот преку искористување на климатските и теренски погодности во микро регионот на Гевгелија, како и стекнување на здрави животни навики кај младите. Во исто време се промовира патеката како место за рекреација, која би била атрактивна за домашни и странски туристи, а со тоа и зголемување на економската активност на општината, преку вело-туризам.
Р. Л.


