Дојран почна да нуди и реализира три рути за организирани посети на гостите

Општина Дојран преку ЈП Тауријан почна да ги реализира рутите за посети на културно-историските и природни убавини на ова туристичко место. Станува збор за три рути кои се нудат на организирани групи од минимум 10 члена, за кои јавното претпријатие овозможува туристички водич, но и електрични велосипеди. Како што информираа од општината, веќе се реализирани десетина тури, претежно со домашни гости кои најмногу ја практикуваат културно-историската рута.

„Сакаме Дојран да биде атрактивен за посети и надвор од летната туристичка сезона. Како општина во изминатиот период доста инвестиравме во инфраструктурата и збогатувањето на содржините за гостите. Станува збор за организирани групи. За две од нив, конкретно за езерската и културно-историската рута, нудиме можност и за прошетки или посети со електрични велосипеди. Третата е ридско-планинска, до бункерите од Првата светска војна. За неа има интерес од странство, односно од Буарија и Англија,“ изјави Анго Ангов градоначалник на Општина Дојран.

Веќе се реализирани десетина тури, претежно со домашни гости кои најмногу ја практикуваат културно-историската рута.

Првата рута е езерска. Гостите на оваа рута или пешачат или возат велосипеди од амфитеатарот, па сѐ до калдрмата, со неколку точки на застанување, при што гостите се информираат за езерото, неговиот биодиверзитет, а од стари рибари ќе дознаат за традиционалниот начин на рибарање. Втората рута е „културно-историска“. Се почнува од црквата „Св. Илија“ и по патеките од калдрма се оди до манастирот „Марија Магдалена“, па до Турската бања и Саат кулата. Со оваа рута гостите одат и до природнонаучниот музеј. Третата рута е до фронтовата линија од Првата светска војна.

„Има интерес. Тоа го покажаа досегашните посети, а во моментов имаме училишни екскурзии. Со нашите водичи учениците ги запознаваме за Дојран, неговата историја, култура, природните убавини. Дојран не е само езерото, туку има голем број атрактивни места кои заслужуваат внимание,“ вели директорката на ЈП Тауријан Роза Режак.

Рутите за организирани посети беа промовирани и на туристичкиот саем во Белград, со оглед што Дојран е станица на огромен број транзитните туристи од соседна Србија кои патуваат кон Грција. Тие во ова место остануваат на ден или два, а со понудата локалните власти очекуваат зголемен број на странски ноќевања.

В.Т.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE