Општина Струмица постави шест мини мерни станици со сензорски монитори за мерење на аерозагаденоста со цел изворно да се информира кои се реоните од каде доаѓа најголемото загадување на воздухот. Станиците ќе мерат ПМ 2.5 честички и тоа во непосредна близина на детската градинка Виножито, основните училишта Маршал Тито и Никола Вапцаров, средното училиште Никола Карев, на влезот во Струмица од кај Радовиш и во индустриската зона Мало стопанство.
Резултатите со концентрациите на ПМ 2,5 честички во Струмица контуинирано може да се следат на www.strumica-air.com кој алармира со црвени бои во микролокациите каде концентрациите ги надминуваат дозволените вредности.
Со овие монитори ќе се овозможи брзо и ефикасно, во било кој временски период, откривање на жаришта и извори на загадување на воздухот во Струмица. „Ваквиот проект ќе открие и ќе даде одговор на многу прашања и дилеми со загадувањето во Општина Струмица, како на пример, од каде доаѓа загадувањето со сулфур диоксид, какво загадување има во летниот период, какви се концентрациите на приземен озон кој е многу штетен за здравјето на најмладите и како температурата и влажноста влијаат врз квалитетот на воздухот“, изјави градоначалникот на Општина Струмица Костадин Костадинов.
Овој начин на мерење на аерозагадувањето е пракса во многу светски метрополи. Одговорен за мерниот систем е професор доктор Сашо Манасов од Институт за биометриски истражувања од Скопје, кој вели дека науката е јасна дека загадувањето на воздухот не е рамномерно распределено, поради што е потребна мрежа што ќе ги покажува вредностите.
„Постојат жаришта на загадување на микро локации, каде концентрациите се неколку пати повисоки од она што го покажуваат државните референтни станици, На пример, во Струмица има една државна станица, којашто не може да ги открива жариштата на локации на целата територија на Општина Струмица, туку само во нејзината околина“, смета професорот Манасов.
Мониторите се поставени како дел од проектот „Мерење и анализа на загадувачи во воздухот на микро локации во Општина Струмица“, во чии рамки развиената апликација редовно ќе ја следат инспекциските служби на Општина Струмица, Инспекторите во реално време ќе го мониторираат квалитетот на воздухот и ќе можат брзо да реагираат за да ги санкционираат несовесните загадувачи.
Инаку најавите се дека мрежата постојано ќе се проширува и надоградува со нови локации и со проширување до сите населени места во Општина Струмица.
В.Т.


