Со вториот повик за финансирање на општински проекти, на Општина Кочани ѝ се одобрени 199.845.159 денари за изградба на Дом за стари лица. Владата со одлука одобри за 2025 година 4.243.827 денари, од вкупниот одобрен износ од 62.530.446 денари, за изградба на атмосферска канализациска мрежа во Кочани, северно од фабриката Руен и изградба на неколку канализациски краци.
Овие информации ги соопшти Општина Кочани, која во последен момент успеа да ја подготви документацијата и да аплицира. Имено, општината беше без градоначалник и нефункционален Совет со оставката на поранешниот градоначалник Љупчо Папазов по трагедијата во дискотеката Пулс.
„Веднаш по стапувањето на функцијата в. д. градоначалник на Општина Кочани имав краток рок да одговорам на повикот на Владата за користење средства за капитални дотации. Во тој период од општината беа подготвени 10 проекти за апликација, од кои дел беа заробени во нецелосна документација. Благодарение на ажурноста на општинските служби, успеавме да подготвиме нова апликација, со која му дадовме примат на Домот за стари лица, избирајќи го како капитален проект за Кочани. Од претходно подготвените проекти побаравме изведба на атмосферска канализација“, изјави в. д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски.
Со одлука на Владата за користење средства за капитални дотации до единиците на локалната самоуправа за инфраструктурни проекти од областа на социјалната политика, демографија и млади, Кочани за оваа година за изградба на Дом за стари лица ќе може да користи 35 милиони денари од вкупно одобрените 199.845.159 денари.
Што се однесува до вториот голем проект за Кочани, Владата одобри за 2025 година 4.243.827 денари, од вкупниот одобрен износ од 62.530.446 денари за изградба на атмосферска канализациска мрежа во Кочани, северно од фабриката Руен и изградба на неколку канализациски краци.
Во Кочани ќе бидат ангажирани и дополнителни 20 пожарникари, чие вработување е одобрено преку активната мерка Јавни работи за заштита и превенција од пожари и оплеменување на животната средина на локално ниво (пошумување). Општината побарала 23 лица, додека Владата одобрила ангажирање на 20 пожарникари.
„Наредниов период ќе започне постапката за ангажирање на лицата, со распишување на јавен повик до невработени лица – активни баратели на работа. Потребата од дополнителен број пожарникари дојде до израз и на неодамнешниот пожар во Кочани што се случи во месноста Пресечена Скала“, соопшти Општина Кочани.
Инаку, на вториот повик за проекти за финансирање со средства од унгарскиот кредит, општините пријавиле 862 апликации. Како што соопшти премиерот Христијан Мицкоски, најголемиот дел се во Министерство за транспорт, околу 600, а над 120 се од областа на животната средина.
Р. Л.


