Реализацијата на општинските проекти од унгарскиот кредит помала од очекуваната – оценка на премиерот Мицкоски

Во четврток се очекува потпишување на договорите од вториот повик за општините, чии проекти беа одобрени од вториот јавен повик. Очекувањата се општините веднаш да стартуваат со распишување на јавните повици, бидејќи ограничено е и времето за оваа активност. Се очекува распишување на локалните избори, најверојатно на 8 август, по што и распишувањето на тендерите ќе биде можно само за итни постапки. Во рамки на втората фаза од повикот за финансирање на опшштински проекти со пари од кредитот од Унгарија, се одобрени 829 проекти во вредност од околу 15 милијарди денари. Но, според најавата од премиерот Христијан Мицкоски, не сите пари ќе бидат искористени оваа година.

„За локалните самоуправи годинава се предвидени околу 200 милиони евра. Реализацијата кај општините е нешто помала од очекуваната и на тоа се работи дополнително“, рече Мицкоски.

Некои од општините веќе ги објавија одобрените проекти и средствата за нив. Откако на првиот повик не помина ниту еден проект за Општина Струмица, на вториот, како што објави градоначалникот Костадин Костадинов  одобрени се речиси 90% од аплицираните проекти.

„Очекувам дека и останатите проекти, кои се предмет на правни недоследности, наскоро ќе добијат зелено светло. Јас не се кандидирам за градоначалник – имам обврска да подготвам стратегија за иднината на мојата партија. Но за мојата Струмица оставам капитални проекти од над 7.000.000 евра, кои ќе донесат директен бенефит за граѓаните“, соопшти Костадинов.

Веќе објавивме дека со средства од унгарскиот кредит на Владата, во Кочани ќе се градат Домот за стари лица и атмосферска канализација.

Со одлука на Владата за користење средства за капитални дотации до единиците на локалната самоуправа за инфраструктурни проекти од областа на социјалната политика, демографија и млади, објавена во „Службен весник“, за изградба на Дом за стари лица во Кочани се одобрени 199.845.159 денари, од кои 35 милиони денари за реализација во 2025 година. Владата со одлука одобри за 2025 година 4.243.827 денари, од вкупниот одобрен износ од 62.530.446 денари за изградба на атмосферска канализациска мрежа во Кочани, северно од фабриката Руен и изградба на неколку канализациски краци.

Општина Василево ќе реализира пет капитални проекти во вредност од околу 1,5 милиони евра од унгарскиот кредит и тоа за изградба на отворен канал за одводнување во село Дукатино, изградба на фекални канализациски системи за селата Радичево и Пиперево, Колектор К1, реконструкција на улица во населено место Нова Маала кон гробиштата и реконструкција и ревитализација на улица од влез во село Пиперево до центар.

Општина Карбинци од двата повика за одобрените проекти очекува инвестиции од над 600.000 евра.

„Ова е една сериозна поддршка и Општина Карбинци во првиот повик од овој унгарски кредит, искористи некаде околу 150.000 евра за проект кој веќе се заврши, а тоа е изградба на сервисна улица во селото Таринци со должина од 420 метри и е еден огромен инфраструктурен зафат за една рурална средина. Морам да кажам дека сме во фаза на потпишување на договорите од вториот повик, каде Општина Карбинци ќе може да искористи уште 461.000 евра за проекти. Ние аплициравме за 4 проекти кои се одобрени и се од инфраструктурно значење“, изјави Виктор Паунов, градоначалник на Општина Карбинци.

Во рамки на првиот јавен повик од Владата, беа доделени 4,1 милијарди денари за 274 проекти. Спроведувањето на проектите е во надлежност на шест министерства.

Р. Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE