Донација за кочанско училиште од Ротари клубови од Македонија и Словенија

Договорот за соработка што членовите на Ротари клубот Кочани-Виница во мај годинава го потпишаа со своите колеги од Целје и Љубљана од Словенија, ги дава почетните позитивни резултати.

На работна средба е договорена донација за унапредување на противпожарната безбедност во средното општинско училиште Љупчо Сантов. Кон иницијативата за помош на Кочани по трагичниот пожар во клубот Пулс се приклучи и Ротари клубот Велес.

Преку овој договор најавена е донацијата што во наредниот период за кочанското училиште ќе ја обезбеди светски познатата компанија Apollo Fire Systems. Оваа компанија е лидер во производството на системи за заштита од пожари, во соработка со своите партнери во Македонија.

Претставник од компанијата, заедно со членовите на ротари клубовите од Македонија и од Словенија, направи увид во сегашната состојба и потребите што ги има средното училиште во Кочани за унапредување на заштита од пожари.

„Како што веќе се договоривме, ќе се приклучат и други ротари клубови кон овој меморандум и тоа ќе се развива сѐ повеќе. Зборуваме за петгодишно партнерство и ова е тоа“, истакна Фрањо Розман од Ротари клубот Целје, кој ги координира активностите со другите Ротари клубови од Словенија.

Подготвеноста за вклучување во проектот на Ротари клубот Велес ја искажа неговиот претседател Благој Шалев, при што нагласи дека целта е да се превенираат слични несреќи во кои потенцијални жртви се младите.

„Безбедноста на децата и заштитата од пожари беше еден од првите постулати за кој разговаравме кога го потпишувавме договорот и ова е првиот чекор што корпорацијата Apollo Fire Systems го направи, со надеж дека многу бргу ќе ги видиме и првите резултати при обезбедувањето на ова училиште со опрема што е неопходна“, истакна Зоран Тодоров од Ротари клубот Кочани – Виница.

Од британскиот огранок на интернационалната компанија Аpollo Fire Systems рекоа дека без размислување го прифатиле повикот на ротаријанците да се вклучат со своето искуство и опрема во заштитата од пожари во кочанското средно училиште.

„Кога слушнавме за овој проект веднаш подадовме рака за да помогнеме со нашето искуство во противпожарната индустрија и со чувство за оваа катастрофа, за да се спречи во иднина, затоа што ова нас нѐ засега уште повеќе. Знаеме дека треба да помогнеме и мислам дека тоа им го должиме и на сите што беа погодени од она што се случи во минатото“, истакна Тимур Каракас од компанијата Аpollo fire detectors Ltd, United Kingdom of Great Britain.

Ротари клубовите и британската компанија потпишаа договор за соработка со што во наредниот период треба да се реализира донација од најсовремена опрема во вредност од неколку стотини илјади евра. Со тоа значително ќе се подобри системот за рано предупредување и заштита од пожари во СОУ Љупчо Сантов.

Т. А.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE