Денес активистите на Регионален центар за одржлив развој од Гевгелија кои учествуваа во подготовката на сторијата за потребата од отворање засолниште за жртвите на семејно насилство во Гевгелија одржаа средба со Љубица Карајанова, раководител на Oдделението за социјална, здравствена, детска и други заштити, култура и спорт при Општина Гевгелија.
На средбата се разговараше за улогата на одделението во системот на социјална заштита, услугите што ги нуди општината и потенцијалните потреби за дополнителна поддршка на жртвите на семејно и родово базирано насилство.
Како што беше истакнато, одделението е во континуирана соработка со Центар за социјални работи – Гевгелија. Врз основа на Програмата за социјална заштита, општината доделува еднократна парична помош во износ од 6.000 денари за жртвите на семејно насилство. Оваа помош се доделува по добиено решение за изрекување мерки против сторителот на насилството, по што ЦСР ги упатува жртвите кон општината за реализација на правото.
До овој момент, во текот на 2025 година, оваа помош ја искористиле само пет лица – жени од различна возраст. Беше посочено дека не сите жртви се охрабрени да дојдат лично во општината, поради страв од јавна изложеност и стигматизација.
Општина Гевгелија е надлежна и за изработка на Социјалниот план за периодот 2023–2026 година. Во планот се предвидени услуги за советување, психосоцијална поддршка на жртви на семејно и родово базирано насилство, како и поддршка за:
· жени жртви на семејно насилство,
· деца жртви на семејно насилство,
· мажи жртви на семејно насилство,
· и жртви на врсничко насилство.
Овој ангажман претставува значаен чекор во обезбедување поинклузивна и ефикасна социјална поддршка за сите граѓани на Општина Гевгелија.
Р. Л.


