Опис на проблемот
Илјадници жени од Источна Македонија се финансиски заробени, без сопствени приходи. Меѓу нив, најризична категорија се жените на возраст над 50 години, кои претежно работат во земјоделството. За проблемите со кои се соочуваат овие жени Локал Актив пишуваше во сторијата објавена во јули 2025 година.
Станува збор за жени кои целиот живот работеле макотрпна земјоделска работа, додека паралелно го одржувале домаќинството и одгледувале деца, а сега немаат никакви приходи. Најголем дел од нив немале право на платено породилно отсуство, ниту пак на нивно име биле плаќани придонеси за пензиско осигурување. Единствениот начин некогаш да остварат право на пензија е преку таканаречена семејна пензија, односно доколку сопругот почине прв, па тие да ја наследат неговата пензија. Според законот, семејната пензија им следува на сопружниците кои имаат наполнето 50 години старост. Жените за кои пишува Локал Актив сочинуваат една голема група на неправедно дискриминирани жени од традицијата, системот и предрасудите што важеле со години, па и децении. По макотрпниот живот на нивите или по домаќинствата што ги сочинувале и по десетина членови, овие жени во годините кога треба да ја намалат својата економска активност, многу често со хронични болести и изнемоштени, немаат од што да се издржуваат.
Барања
- Бараме од Собраните на РСМ – Комисијата за здравство и Комисијата за социјална политика:
– да иницираат измени и дополнувања во „Програмата за обезбедување средства за болничко лекување без наплата на учество (партиципација) за пензионери и за обезбедување средства за специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги за корисниците на правото на социјална парична помош како и на членовите на нивните домаќинства во РСМ“ со цел да се внесат во Програмата и сопругите на пензионерите со ниски пензии. - Бараме од Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство:
– да иницира измена во споменатата Програма, со цел во неа да се внесат и сопругите на пензионерите со ниски пензии, како подршка на самите земјоделци и мотивација за идните потенцијални земјоделци. - Бараме од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација:
– да утврди нееднаков пристап до специјалистичко-консултативно и болнички здравствени услуги на членовите од домаќинството каде има само еден пензионер со ниска пензија и да побара објаснување од Владата. да изготви препорака да Владата за дополнување на Програмата и внесување и на членовите на домаќинството.
Застапување за решавање на овој проблем
Во рамки на уредништвото на Локал Актив, граѓанска организација која изработи план на активности за застапување за да се поттикне решавањето на овој проблем е Здружението Жена од Делчево.
Реализирани активности
- Во јули 2025 година е поднесено електронско барање до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација
(1) да ја разгледа фактичката состојба со цел да утврди нееднаков пристап до специјалистичко-консултативно и болнички здравствени услуги на членовите од домаќинството каде има само еден пензионер со ниска пензија и (2) да побара објаснување од Владата и да изготви препорака до Владата за дополнување на Програмата.
Локал Актив и натаму ќе ги следи мерките што ги преземаат институциите и ќе презема нови активности за решавање на овој проблем.


