Опис на проблемот
Во Гевгелија нема засолниште за жртвите од семејно насилство, а нема ниту т.н. „сигурна куќа“, па жртвите кои претрпеле физичко или психичко насилство во кругот на семејството се упатуваат во центри кои се далеку од родниот град. Тоа најчесто ги предомислува жртвите и тие одлучуваат сепак да останат во домот заедно со насилникот, бидејќи преселбата во друг град каде може да бидат згрижени подразбира да се најде нова работна средина и ново училиште за децата. За оваа тема, во март 2025 година, Локал Актив објави посебна сторија. Општините се должни да предвидат средства од општинскиот буџет за основање и финансирање на вакви шелтер центри.
Министерството за социјална политика, демографија и млади еднаш годишно распишува јавен повик за финансирање на вакви центри, што можат да ги основаат и здруженија на граѓани. Меѓутоа, и покрај тоа што расте бројот на жртвите на семејно насилство, оваа специфична дејност на локално ниво останува само пропишана во законите, стратегиите и програмите. Ваква е состојбата и во Општина Гевгелија, каде поради срам или поради немање соодветна заштита, жртвите се приморани да молчат или да бараат спас надвор од родното место. Во Гевгелија нема засолниште или „сигурна куќа“ каде жртвата може да се „сокрие“ од насилникот, па наместо заштита, често се повторно изложени на малтретирање или тортура од партнерот.
Барања
- Бараме од Општина Гевгелија да изготви план и стратегија за воспоставување на центар за привремено сместување на жртви на семејно насилство, со вклучување на претставници од граѓанскиот сектор и стручната јавност;
- Бараме од Општина Гевгелија да обезбеди средства од општинскиот буџет, локација и инфраструктурни предуслови за адаптација на простор за оваа намена.
- Бараме од Министерството за труд и социјална политика, демографија и млади: да обезбеди финансиска и техничка поддршка за Општина Гевгелија во процесот на аплицирање на јавниот повик за воспоставување на Центарот;да го поддржи процесот на акредитација и интеграција на Центарот во системот на социјални услуги;да овозможи пристап до програми за вработување и обука на стручен кадар (социјални работници, психолози, правници) кои ќе биде вклучен во работата на Центарот;да даде приоритет и поддршка на иницијативи од рурални и гранични општини, каде што пристапот до вакви услуги е ограничен.
Застапување за решавање на овој проблем
Во рамки на уредништвото на Локал Актив, граѓанска организација која изработи план на активности за застапување за да се поттикне решавањето на овој проблем е Регионалниот центар за одржлив развој од Гевгелија.
Реализирани активности
- На 24 јули 2025 година, во просториите на Центарот за социјална работа – Гевгелија се одржа работна посета со директорката Кристина Бичанин и психологот Сашка Карајанова. Средбата беше посветена на актуелната состојба со жртвите на семејно насилство, нивните предизвици и тековните услуги што Центарот ги обезбедува. На средбата беше истакната итната потреба од отворање или обезбедување на соодветен простор (куќа или стан) за итно сместување на жртвите на семејно насилство.
- На ден 29 јули 2025 година се одржа средба со Љубица Карајанова, раководителка на Oдделението за социјална, здравствена, детска и други заштити, култура и спорт, при Општина Гевгелија. На средбата се разговараше за улогата на Одделението во системот на социјална заштита, услугите што ги нуди Општината и потенцијалните потреби за дополнителна поддршка на жртвите на семејно и родово базирано насилство.
- На 29 октомври РЦОР достави барање до Општина Гевгелија за разгледување на иницијативата за донесување локална стратегија и за воспоставување Центар за привремено сместување на жртви на семејно насилство во Општина Гевгелија.
Локал Актив и натаму ќе ги следи мерките што ги преземаат институциите и ќе презема нови активности за решавање на овој проблем.


