По одморот — отказ за десетици штипски работнички

Наместо на машините, повеќе десетина работнички во штипска конфекција останаа во дворот на погонот, откако по завршувањето на двонеделниот одмор наишле на затворени работи. Наместо некој да им објасни, ги дочекало писмено известување дека поради тешкотии во работењето и заминувањето на странскиот партнер, остануваат без работа.

Притоа, не добиле никакво објаснување како понатаму и пред сѐ што со двете неисплатени плати и регресот за годишен одмор. Пред работниците не се појавил ниту еден од директорите или шефовите.

„Да не се кријат, со полиција дома ќе им отидеме. Да нѐ исплатат и после што сакат нека прават. Си го бараме заработеното и одморот да ни го платат. Газдата не сакал да разговара со нас, туку со шефицата и со мајсторицата. Да дојдат газдата и директорката лично да ни каже“, рече една од насобраните работнички.

„Да дојде некој да ни каже што со нашите две неисплатени плати и регресот за годишен одмор. На 40 степени работевме, апчиња им даваме да ги истераме налозите. Имаме 27 работни дена во јули. Да ни се платат и плата и бонуси. Нека ни најдат некој или да ни кажат каде да се обратиме. И додека сме на одмор ни кажуваат нема фирма, нема плата, нема ништо, сметката е во минус. Кажуваат дека две партнерски фирми ги откажале одговорите за работа. Двете плати да ни ги исплати, К15 и да нѐ пријават во Агенцијата за вработување“, додаде друга работничка.

Работничките изјавија дека уште пред да заминат на одмор неколку работници биле отпуштени, но не очекувале дека ќе ги дочека шокот со писмено известување дека немаат веќе работа.

Сопственици, според работничките, се Германец и Хрват, кои со шефовите во Штип преку видео повик им рекле дека конфекцијата се затвора.

Во оваа штипска компанија работат околу сто работници. Дел од нив уште минатата недела се обратиле до Гласен синдикат, од каде било пријавено во институциите, пред сѐ во Трудов инспекторат, од каде очекуваат денеска да излезат на терен.

Состојбата со текстилната индустрија станува алармантна, со околу 5.400 одјави во Агенцијата за вработување од овој сектор во периодот од јануари до јули годинава, за што Локал актив веќе пишуваше.

Р. Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE