Ротари клубот Кочани – Виница донираше противпожарно возило за ДПД Виница

Доброволното противпожарно друштво – Виница доби навално возило за гасење пожари и други интервенции, а го донираше Ротари клубот Кочани – Виница.

Возилото пристигна од Германија, каде со поддршка од наши хумани луѓе е набавено за потребите на виничките пожарникари волонтери. Се работи за камион од марката Мерцедес 811Д, кој е одлично зачуван со поминати само 23 илјади километри, поседува нова пумпа за вода и може да превезува девет лица.

На предавањето на возилото присуствуваа претставници од Ротари клубот и од Доброволното противпожарно друштво – Виница.

„Упатувам голема благодарност до пожарникарите доброволци, за нашите неуморни херои кои секогаш помагаат да се спаси нечиј дом, некој објект или нечиј живот. Охрабруваме и други млади луѓе да се приклучат на Доброволното друштво за да се зголеми бројот на пожарникари. Исто така, ги охрабруваме сите чинители во Виница и Кочани да помагаат на заедницата, бидејќи сите заедно можеме да направиме повеќе“, истакна Влатко Тасев, претседател на Ротари клубот Кочани – Виница.

Од ДПД – Виница упатија благодарност за донацијата која ќе значи подобра противпожарна заштита и безбедност на луѓето и материјалните добра.

„За нас ова е надеж затоа што овој камион не е само возило, туку претставува безбедност и сигурност за нашите пожарникари за уште повеќе да имаат сила за работа. Значително се подобруваат условите за гасење пожари и безбедноста на нашата општина, а возилото ќе биде користено одговорно, совесно и со целосна посветеност, секогаш во служба и заштита на човечките животи, имотот и природата во општината. Голема благодарност до Ротари клубот кој со вакви донации обезбедува поддршка за заедницата, како и до компанијата „Аце ауто“ од Виница која го обезбеди транспортот и сите царински и други административни давачки за камионот“, истакна Бранко Ивановски, претседател на Доброволното противпожарно друштво  – Виница.

Противпожарниот камион е трето возило за ДПД – Виница кое веќе поседува теренски пикап и комби за превоз на пожарникари.

Т. А.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE