Пониква има прекрасна природа, снег и богата историја, но зимската туристичка сезона стагнира поради нефункционалните ски-лифтови. Угостители и ски-школи се жалат на уште една изгубена година, а примерот од „Михајлово“ покажува како со мали инвестиции можат да се привлечат илјадници туристи, да се отворат нови вработувања, да се раздвижи локалната економија и да се разбуди енергијата кај граѓаните од регионот.
Пишува: Ристе Панов*
На надморска височина од над 1.500 метри, сместена на Осоговските Планини, Пониква ги има сите природни предуслови за атрактивен скијачки центар, кој би привлекувал илјадници туристи. Но, оваа зимска сезона интересот од посетителите опаѓа бидејќи ски-лифтовите не работат поради истечена концесија.
Граѓаните што деновиве ја посетија планината велат дека искачувањето пеш за да скијаат, ги заморува и ги демотивира, особено кога станува збор за семејства со деца. Велат дека неработењето на ски-лифтот е сериозен хендикеп за ски-центарот и е главна причина за намалената посетеност.
„Без лифт, скијање нема. Напорно е да се качувате пеш. Ќе се качите најмногу два-три пати, додека со жичарницата можете многу повеќе“, вели еден турист што го затекнавме на планината.
„Сега носам пет пара скии нагоре, кон ридот, за да се спуштиме. Искачувањето е тешко, децата сакаат постојано да скијаат, а не можеме цело време да си ги носиме скиите и да се качуваме“, додава друг посетител на туристичкиот центар.
„Една секунда надолу, педесет нагоре. Ова ги одвраќа луѓето да доаѓаат тука. Сега без концесионер нема организација, треба да се оддели и да се знае патека за скијачи, патека за санки и каде може да се качува народот нагоре. Нема слободни зони за да се пуштиме, стојат луѓе на самите патеки“, вели уште еден турист со кој се сретнавме на Пониква.
Инфраструктура – клуч за туристички развој
Неработењето на ски-лифтот довело до пад од педесет проценти на прометот на сите што работат во Центарот, тврди професорот Никола Стоилов од ски-школата и ски-рент „Каспер“.
„Има голема разлика во однос на посетителите на Пониква од претходните години кога работеше ски-лифтот и оваа година кога, за жал, не работи. За разлика од претходните години, можеме да кажеме дека речиси на половина е опаднат прометот не само кај нас, на ски-школите и ски-рент, туку и на угостителите – ресторани, кафулиња, хотели и викендички. Има големо влијание неработењето на ски-лифтовите. Нема жичарница, нема интерес“, објаснува Стоилов.
И од мотелот „Изгрев“ велат дека го чувствуваат неработењето на ски-лифтовите.
„Интересот на гостите е намален, затоа што сите кога се јавуваат, прашуваат дали работат ски-лифтовите. Тоа се одрази на нашето работење. Па сигурно некаде од 30 до 40 отсто е помала посетеноста од лани“, вели Симеон Тодоров, сопственик на мотелот.
Според податоците на Општина Кочани, капацитетот на сместување на Пониква е околу 400 легла, со повеќе од 150 соби за сместување во мотели, планинарски домови, одморалишта и хотел.
Додека на Пониква има намален интерес, ски-центарот „Михајлово“, во близина на Кавадарци, е пример за тоа како инвестициите можат да го променат ликот на една планинска дестинација. Скијачката инфраструктура не значи само можност за скијање, туку претставува двигател на локалната економија, нови бизниси, вработувања и зголемена туристичка понуда. „Михајлово“ денес служи како конкретен доказ дека развојот на ски-центрите е предуслов за развој на зимскиот туризам, лекција што директно се однесува и на Пониква.
Со ски-центарот „Михајлово“, кој беше отворен минатата година, стопанисува ЈП за спортски објекти „Мито Хаџивасилев Јасмин“ од Општина Кавадарци. Во овој центар работи Доне Илов, кој за „Локал Актив“ вели дека досега се пуштени и работат три ски-патеки со лифтови, од кои една мала од 100 метри и две големи од 400 и 680 метри, а во подготвителна фаза е и проширување со нова од 1.200 метри. Во ски-центарот има помеѓу осум и десет вработени лица. Илов нагласува дека постои голема разлика помеѓу периодот пред поставувањето на ски-лифтовите и патеките, и денес, кога тие функционираат. Бројот на посетители е зголемен и се движи од илјада до две илјади посетители за викендите, а доаѓаат од цела Македонија.
Страшко Мајсторчев, кој управува со барот „Бачило“ на „Михајлово“, вели дека токму изградбата на ски-лифтовите било главна причина да се одлучи да инвестира во угостителски објект.
„Доколку се проширува инфраструктурата и се воведат нови содржини во ски-центарот ‘Михајлово’, може да размислуваме и ние за проширување со сместувачки капацитети и ресторански дел, повеќе вработувања и други можности. Ски-инфраструктурата и угостителството се директно зависни. Ако се развива едното, се развива и другото“, вели Мајсторчев.
Новиот концесионер најавува подобрувања
По истекувањето на претходната десетгодишна концесија, која заврши пред почетокот на зимската ски-сезона, Општина Кочани во јануари годинава распиша тендер за давање под закуп на двата ски-лифта на Пониква, ски лифт бр. 1 во должина од 204 метри и ски-лифт бр. 3 во должина од 488 метри, во проценета вредност на ски-инфраструктурата од околу 11,5 милиони денари.
На првиот тендер немало заинтересирани, додека на вториот повик концесијата ја доби фирмата ДПТУ „Ски – Надја“ од Кочани, со што таа стана нов закупец со месечна закупнина од 40.100 денари. Договорот за закупнина помеѓу Општина Кочани и новиот закупец беше склучен на 10 февруари и треба да трае во следните 10 години.
„Иако го склучивме договорот, сѐ уште не е извршено примопредавањето на ски-лифтовите и инфраструктурата. Украдена е или недостасува електрониката од ски-лифтот бр. 1, вршиме пробни тестирања на работата на лифтовите, а треба да се провери и дали работат сите хидро-машини за вештачки снег. Ние би сакале да почнеме поскоро за да можат посетителите целосно да уживаат во скијањето, но мора да се завршат овие технички работи и проблеми“, посочува Никола Стојков, сопственик на „Ски – Надја“.
Тој вели дека за идните сезони е потребна нова скијачка транспортна лента за искачување на деца почетници, но и поставување заштитна мрежа и душеци, обновување и поставување нови хидро-машини за вештачки снег што се скапи и затоа смета дека е потребна помош од институциите и од организациите за да има скијање и кога нема навеви на снег. Планираат и нови вложувања за да се подобрат условите, а со тоа и туристичката понуда на Пониква.
Од воздушна бања до неискористен туристички потенцијал
Симеон Тодоров е шумарски инженер и својот живот го посветил на она што најмногу го познава – Пониква и Осоговските Планини. Тој за „Локал Актив“ раскажува дека во изминативе 40-ина години многу малку е инвестирано во развој на туристичкиот центар.
„Ски-центарот Пониква беше оформен во 1984 година каде што тогаш постоеја четири патеки, а денес од нив се останати само две патеки што сега се издаваат под концесија. Не е ништо инвестирано од 1984 година, освен кога пред некоја година се ставија топовите за вештачки снег. Овде има вложено многу приватен капитал во објекти, имаме хотел со висока категорија и други угостителски објекти. Потребно е да се инвестира и во нови содржини, нови ски-патеки со лифтови, патеки за деца до 12 години, пешачки патеки, трим-патеки, адреналински парк, патеки за санкање со пластична подлога и други содржини што ќе се користат и во зима и во лето. Тоа треба да го направи и да го овозможи државата, затоа што тоа е нивна сопственост и надлежност. Исто така, ако некој сака да инвестира, во урбанистичкиот план нема предвидено ваква инфраструктура. Прво треба плански да се предвидат тие содржини, а после да се направат инвестициите“, укажува тој.
Тодоров додава дека Пониква има одлични природни карактеристики и богата историја како место за воздушна рехабилитација.
„На Пониква уште во кралска Југославија, во 1923 година се правени објекти за рехабилитација на војската, со многу благопријатни услови. Исто така, должината на траење на снежната покривка е поголема, затоа тогаш овде се вршеле обуки за скијање на војската. Од здравствен аспект е како воздушна бања, затоа што Пониква се наоѓа на таканаречен „кислороден коридор“, каде што концентрацијата на кислород е многу повисока од други места и има перманентна промена на воздушните маси, затоа овде нема застоен воздух. Од тие причини се направени околу 35 објекти од цврста градба, каде што тогаш престојувале од 5 до 6 илјади војници. И од граѓанската војна во Грција тука се лекувале борци во тоа време. Жалосно е што никој не сака да му посвети повеќе внимание на еден ваков бисер во источна Македонија“, констатира инженерот и љубител на Пониква.
Професорот и ски-инструктор Никола Стоилов смета дека за да стане Пониква врвен туристички центар, треба големи вложувања, приближно барем како оние на Попова Шапка или Маврово.
„Треба повеќе патеки, треба да се залагаат не само општините, туку целата држава. Или да му се даде на приватен инвеститор, при што ќе му биде отстапено на 30-40 години за тој да има простор да инвестира. Се надеваме на таа иницијатива за изградба на скијачки центар на Царев Врв“, додава професорот Стоилов.
Планови има, фалат инвестиции
Ски-центарот Пониква се наоѓа на територијата на општините Кочани и Пробиштип. На прашањата на „Локал Актив“ до Општина Кочани дали се планирани средства за инвестиции во туристичкиот центар во овогодишниот буџет, одговорот е негативен. Од Општината велат дека се предвидени средства само за тековно одржување и досега нема започнато постапка за донесување урбанистички план што би предвидувал нова скијачка инфраструктура.
Она на што се работи се изработка на проекти за водоснабдување и за фекална канализација, велат од Општината. Постои готов проект за пречистителна станица за отпадни води на Пониква и проект за јавно осветлување, а се подготвува ново сообраќајно решение со уредување на левата страна на патот во месноста Аеродром на Пониква на кој се планира простор за паркирање.
Општина Кочани има изработено повеќе стратегиски и плански документи за развој на туризмот на Осоговските Планини: Физибилити-студија со изградба на две брани за водоснабдување на туристичката населба Пониква, Студија за развој на ски-центарот Пониква на Осогово со предвидување изградба на нови сместувачки капацитети и нови содржини за ски-спортови и други забавни активности. Потоа, Физибилити студија за Царев Врв на Осоговските Планини со развој на нов ски-центар Царев Врв, со изградба на инфраструктура, жичарници, скијачки патеки и други објекти, како и изградба на патна и комунална инфраструктура, и изградба на повеќе сместувачки објекти. Додека во документот „Интегриран локален развоен план на Општина Кочани“, на СРЦ Пониква се предвидува изградба на две жичарници и два ски-лифта, како и осум нови ски-патеки.
Финансиски вложувања и државна стратегија со фокус кон одржливост
Во Македонија нема важечка национална стратегија за туризам од крајот на 2021 година. Последната донесена Национална стратегија за развој на туризмот се однесуваше на периодот од 2016 до 2021. По истекот на овој период не е донесена нова стратегија, па оттука од 2022 година наваму државата функционирала без формално донесен стратегиски документ за туризмот, велат за „Локал Актив“ од Владата на РС Македонија. „Во тек е подготовка на нова Стратегија за развој на туризмот, во која се очекува посебен акцент да биде ставен на развојот на зимскиот и на ски-туризмот, вклучително и модернизација на инфраструктурата, диверзификација на туристичките производи и продолжување на туристичката сезона. Целта е да се создаде стратегија што ќе биде применлива, а не само на документ, со најголем фокус кон одржливост и европски стандарди во сите форми на туризам: зимски, летен, рурален, културен, езерски и други видови“, изјавија од Владата. Во согласност со Законот за јавни скијалишта, во Македонија се утврдени повеќе скијалишта што се во државна сопственост, какви што се ски-центрите Маврово и во Крушево, кои се дадени на концесија, центрите Попова Шапка и Пелистер, кои се управувани од АД ЕСМ, рекреативниот ски-центар Пониква, кој е основан од општините Кочани и Пробиштип и е даден под концесија, а со центарот „Михајлово“ управува локално јавно претпријатие на Општина Кавадарци, додека поранешниот ски-центар Кожуф, кој не работи, е во приватна сопственост. Ова укажува дека државата има доминантна улога во сопственоста и регулирањето на скијалиштата, додека преку концесии и јавно-приватни модели се настојува да се поттикне нивен развој и економска одржливост. Од Владата велат дека новата национална стратегија за туризам, владините програми и политики, како програмите за економски развој, регионален развој и туризам, создаваат предуслови за инвестиции во туристичка и придружна инфраструктура, вклучувајќи пристапни патишта и комунална инфраструктура. Во таа насока е и финансиската поддршка, се предвидуваат средства за капитални инвестиции и поддршка на туристичката инфраструктура, директно или индиректно, преку надлежните институции и јавни претпријатија. Истовремено се разговара со инвеститори.
Дел од туристичкиот локалитет Пониква се наоѓа и на територијата на Општина Пробиштип. Од оваа општина за „Локал Актив“ велат дека стратегиски приоритет е изградбата на нов патен правец Пробиштип – Пониква од страната на Општина Пробиштип. За оваа намена, Министерството за транспорт и врски има изработено проектна документација за новата сообраќајница, која ќе овозможи побрз и поедноставен пристап до центарот. Има студии и основни проекти за развој на основната инфраструктура на локалитетот, вклучувајќи пристапни улици, паркинг-простори и систем за одведување и третман на отпадни фекални и атмосферски води. Општината има изработено Урбанистички план за вон населено место за дел од локалитетот Пониква. Оттаму велат дека во наредниот период се предвидува парцијализација на просторот опфатен со планот, што ќе овозможи создавање услови за нови инвестиции во туристичка и спортска инфраструктура.
Од Општина Пробиштип додаваат дека е изработена и проектна документација за развој на ски-центарот Осогово, која предвидува изградба на нови жичарници, ски-лифтови и ски-патеки, вклучувајќи и патеки за нордиско скијање и биатлон со соодветна придружна инфраструктура. Предвидени се и содржини за рекреација, како патека за санкање и можности за користење на просторот во текот на целата година – планинарење, велосипедизам, спортско-рекреативни и туристички активности.
Сепак, иако техничката документација е подготвена уште во 2015 година, реализацијата на овие капитални инвестиции бара значителни финансиски средства. Од Општината велат дека за ова е потребна поддршка од Владата, ресорните министерства и меѓународните финансиски институции и фондови, со цел Пониква да се развие во современ планински туристички центар од регионално значење.
Еден од позначајните последни реализирани проекти за ски-инфраструктурата на Пониква, како што нѐ информираат од Општина Кочани, е комплетната реконструкција на ски-лифтот бр. 1 со 16 котви и лифт бр. 3 со 20 котви, која се реализирала во 2020 година, со буџет од околу 92.000 евра, преку Центарот за развој на Источниот плански регион, со финансиска помош од Швајцарската агенција за развој и Министерството за локална самоуправа, со учество на Општина Кочани од околу 6.700 евра.
Пониква има сѐ што е потребно за да прерасне во современ планински туристички центар: природни услови, историја, интерес од посетители и подготвена стратегиска документација. Но, без постојани капитални вложувања, функционална ски-инфраструктура и јасна институционална поддршка, овој потенцијал останува неискористен. Вложувањето во ски-лифтови и патеки носи резултати – повеќе туристи, нови бизниси и развој на локалната економија. Прашањето што останува е дали Пониква ќе добие шанса за вистински развој или ќе продолжи да биде туристички бисер што чека некој да го открие.
* Ристе Панов е новинар


