Симеон Златев – Моне во неговиот музеј / Фото: З.А.
Ако патот ве води во Тетово, тогаш најдете време да отидете и до село Џепчиште, и да го посетите етнолошкиот музеј на Симеон Златев.
Овој музеј постои 35 години и во него, на исклучително мал простор, се сместени повеќе од 6 000 етнолошки експонати, кои зборуваат за времето, за традицијата и за обичаите на жителите од Полошкиот Регион, па и пошироко.
Симеон Златев, кого сите го познаваат како Моне, сакал да студира етнологија, но завршил како дипломиран архитект, а љубовта кон старите предмети и кон историјата останала и се преточила во овој музеј што го носи името „Најмал музеј на светот“.
„Имав доста предмети од семејството и првата поставка на музејот ми беше во таванската просторија од мојата викендичка во село Џепчиште. Но, на предлог на моите пријатели поставката ја пренесов во една долна просторија за да биде повеќе достапна до посетителите. Таа просторија има само 7,2 квадратни метри и тогаш во неа поставив 1 150 предмети. Но, бројот на етнолошките предмети брзо растеше, па купував полици и други помагала за да најдам простор да го изложам сѐ она што го имам во музејот. Сега мојата збирка има околу 6 000 предмети. Што е тоа што е карактеристично и уникатно за овој музеј? Во таа главна просторија има место да влезе само еден посетител и да ги разгледа експонатите, нема место за двајца или за повеќемина. Значи, се влегува и се разгледува само еден по еден. Толкав е просторот и мислам дека во светот не постои музеј со една ваква карактеристика. Па, затоа, не случајно го носи и името ‘Најмал музеј на светот’, не по значење или по мал број експонати, туку по просторот на кој се изложени толкав број предмети. Но, како растеше бројот на предмети, морав да го искористам како изложбен простор и претсобјето, кое, пак, има само 9 квадратни метри“, вели Симеон Златев – Моне, сопственикот на „Најмалиот музеј на светот“.
Симеон Златев – Моне вели дека овој музеј за него претставува една голема љубов што ја негува веќе 35 години. „Колку што е самостојна Македонија, толку постои и овој музеј“, знае да каже. А низ овие три и пол децении „Најмалиот музеј на светот“ го посетиле повеќе од 60 000 посетители. Редовно доаѓаат ученички екскурзии, организирани посети, како и поединци.
Иако сега, како пензионер, живее во Скопје, ако му се најави некоја поголема група посетители, воопшто не му е тешко да помине педесетина километри и да дојде до Џепчиште за да ги отвори вратите на својот музеј. Но, не само тоа, секој гостин го пречекува во традиционална народна носија за да биде целосен впечатокот од посетата на музејот.
„Во музејот има предмети што нашиот народ ги користел пред сто, двесте, па и повеќе години, но има и предмети од минатиот век. Сите тие се тесно поврзани со нашата историја, со животот на овдешното население што нив најчесто ги користело во секојдневниот живот. Со дел од овие експонати сум имал повеќе од 70 изложби, меѓу кои и две во странство, во Србија и во Турција. Но, вака кога ќе размислам, всушност јас сум имал повеќе стотици изложби, бидејќи кога има групни посети дел од експонатите, оние поголемите, но и тие што се покарактеристични, ги изложувам во дворот за да можат поубаво да се видат. Вакви поставки во дворот секогаш биле различни во зависност од тоа колку луѓе ќе го посетат музејот, какво ќе биде времето и сл. Па затоа секоја таква посета на музејот, всушност е и своевидна изложба“, Вели Моне.
Меѓу огромната бројка посетители на „Најмалиот музеј на светот“ имало и многу значајни личности. Биле тука и амбасадори од повеќе странски земји, уметници, писатели, политичари, телевизии што го снимале музејот, како и многу стручни и научни лица што ги користеле музејот и неговите експонати за својата академска наобразба и стекнување академски титули. Сепак, како позначајни посетители Моне ги издвојува: претседателот на Република Македонија Стево Пендаровски, амбасадорите на Франција, на САД, потоа Питер Динклиџ, актерот со карактеристичен мал раст што глумеше во познатата серија „Игра на тронови“, тој снимал документарен филм за Македонија, па во музејот дошол со цела филмска екипа, како и Керол Чен од Лондон, која му предложила да конкурира во Гинисовата книга на рекорди за најмал музеј на светот. Моне ја подготвил апликацијата и ја поднел, но не му одговориле.
Моне има 83 години, но тоа тешко може да се забележи на него. Има желба секому да покаже што има неговиот музеј, но и постојано да ја зголемува збирката предмети што е негова секојдневна преокупација. „Ова не е жртва, ова е љубов голема. Јас ги држам предметите, тие ме држат мене“, знае честопати да каже.
„Често ме прашуваат кој ти е најстар предмет во музејот? А јас им велам, најстариот предмет е од пред 25 милиони години, а тоа е една топка од оладена вулканска лава, подарок од Кратово. А кои се најмалиот предмет и најголемиот предмет во музејот? Најмалиот предмет е едно мало гумено топче со само еден сантиметар во пречник, со кое се гласало на првите избори во Југославија, веднаш по ослободувањето во 1945 година, а најголемиот предмет е еден голем камен за мелење жито, за кој и јас не знам колку тежок“, појаснува Моне.
Во 2017 година Моне организирал единствена изложба во Македонија на фалеристика. Фалеристика е наука за значки, плакети и медали. На таа изложба била претставена колекција од 10 000 значки распоредени по теми и по земји на потекло. Тој има збирки и од поштенски марки, разгледници, банкноти, а е автор и на 12 книги.
З. Андонов


