Фото: А.М.
По пожарот, повеќедневните проблеми со одлагањето на отпадот и со блокадата на пристапот до кумановската депонија „Краста“ од страна на жителите на селото Пчиња, деновиве надлежните институции почнаа акција за санација на оваа депонија.
Жителите на селото Пчиња долго време реагираа на чадот и на загадувањето и ја блокираа депонијата „Краста“, спречувајќи ги камионите на „Чистота и зеленило“ да го одлагаат отпадот. Нивниот протест следуваше како реакција на состојбата што подолг период им го нарушува секојдневието.
Директорот на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ Сашо Томиќ информира дека санацијата на „Краста“ продолжува со нанесување и тампонирање земја врз отпадот. Во изминативе денови се нанесени 10.000 кубни метри земја.
„Обемот на интервенциите ја покажува сериозноста на проблемот со кој се соочува градот, но и потребата санацијата да не заврши само со моментално справување со последиците од пожарот“, изјави Томиќ.
Жителите велат дека одамна немаат видено толку многу механизација на „Краста“. По интервенциите на механизацијата и вклучувањето на повеќе субјекти, жителите на Пчиња ја прекинаа блокадата на 12 октомври, со што овозможија камионите на „Чистота и зеленило“ да го одлагаат отпадот на нестандардната депонија.
Поради состојбата на „Краста“, во Општина Куманово се одржаа неколку седници на Општинскиот штаб за заштита и спасување, на кои беа разгледани состојбата на депонијата, последиците од пожарот и потребните мерки за справување со проблемот.
Покрај санацијата на „Краста“, Општина Куманово и „Чистота и зеленило“ мораа да обезбедат и алтернативен начин за одлагање на отпадот. Како привремено решение беше договорено кумановскиот смет да се транспортира до депонијата „Дрисла“.
Случајот со „Краста“ покажува дека проблемот со отпадот е клучен за големите општини како Куманово, која дневно произведува 100.000 тони отпад. Трајното решение треба да се обезбеди преку проектот за санација и затворање на постојната депонија, изградба на претоварна станица и воспоставување регионален систем за преработка и управување со отпадот. Трајното решение се гледа во изградба на регионална депонија кај Свети Николе, проект во кој се вклучени 15 општини.
Постапката за избор на компанија што треба да ги изведува градежните работи е во напредна фаза и документацијата е доставена до Делегацијата на Европската Унија, од каде што се обезбедуваат финансиските средства.
Депонијата „Краста“ функционира од 1958 година и зафаќа површина од 12, 5 хектари.
А.М.


